dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Слабости во реализацијата на мерките за вработување и нерамномерна распределба на средства во 2023 година

19.02.2025

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                

- Соопштение за медиуми-      

 

Скопје, 20.02.2025 година

 

Слабости во реализацијата на мерките за вработување и нерамномерна распределба на средства во 2023 година

Во 2023 година, утврдени се слабости во спроведувањето на мерките за вработување, вклучително и нерамномерна распределба на средства меѓу планските региони. Утврдени се и пропусти во активностите за обука на напредни ИТ вештини што е една од целите на Агенцијата, што укажува на потребата за подобрување на ефикасноста и праведната распределба на ресурсите

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Агенција за вработување на Република Северна Македонија (Агенцијата) за 2023 година.

Со извршената ревизија за 2023 година изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

За исплата на средства за паричен надоместок во случај на невработеност во 2023 година исплатени се средства во вкупен износ од 1.305.639 илјади денари односно 21 милион евра, истите бележат тренд на намалување во однос на 2022 година, односно исплатени се помалку средства во износ од 102.071 илјада денари. 

Исплата на средства за паричен надоместок за периодот од 2019-2023 година

Кај исплатата на  расходите по тој основ утврдено е дека кај дел од предметите кои биле опфатени со ревизијата,  документацијата била некомплетна, односно се забележува отсуство на дел од бараната докуемтнација што се должи на неажурност во работењето кај дел од центрите за вработување, а дел од документацијата се обезбедува или се изготвува по истекот на законски утврдениот рок што се должи на не воспоставена електронска размена на податоци и поврзаност на евиденциите помеѓу Агенцијата и Фондот за ПИО.

За реализација на вкупно 14 програми и мерки за вработување предвидени со оперативниот план во 2023 година исплатени се средства во износ од 1.239.596 илјади денари или 20 милиони евра што во однос на 2022 година е намалување од 13% (2022 година - 1.420.003 илјади денари или 23 милиони евра.

                                                                                                                                                                      во 000 денари

Распределбата на средствата по програми и мерки за 2022 и 2023

Најголем дел од средствата за активни програми и мерки за вработување се исплаќаат за мерката поддршка и самовработување (претприемништво).

Еден од критериумите за доделување на средства за активни мерки  за вработување е рамномерниот регионален развој .Ревизорите утврдиле дека при распределбата на средствата не е почитуван принципот на рамномерен регионален развој на осумте плански региони на начин на кој е дефиниран во оперативното упатство и оперативниот план.

За дел од планските региони се исплаќа повисок износ на средства во однос на утврдените проценти за учество согласно Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеноста. Вообичаено, пониски се средствата кои се исплатени за планските региони од централниот и источниот дел на земјата, додека повисоки од утврдениот износ се средствата исплатени кај скопскиот плански регион и планските региони во западниот дел од земјата,  при што во поедини случаи надминувањето е и четири пати поголемо од утврдениот вкупен износ со одлуката.

 

                                                                                                                                                  во 000 денари

Исплати на средства по плански региони

Во однос на внатрешните  контроли во врска со наменското и законско користење на средствата кои се доделени за активните мерки за вработување со ревизијата е утврдено дека се не соодветни и не доволни, при што најголем дел од записниците се однесуваат на формално извршени контроли со општи формулации без да се даде подетален опис на намената за која се искористени средствата, односно на опремата која е набавена со субвенционираните средства.

Во текот на 2023 година за мерката Обука за стекнување на вештини од областа на напредни ИТ вештини исплатен е износ во висина од 87.080 илјади денари односно 1,4 милиони евра што во однос на 2022 година претставува зголемување за 47.361 илјада денари или 54%. Ревизорите утврдиле дека бројот на кандидати кои успешно го положиле предвидениот испит по завршувањето на обуката е мал и заклучно со септември 2024 година изнесува 22%. Имајќи предвид дека за оваа активност се користат значителен износ на средства, утврдената состојба упатува дека мерката не го постигнала својот целосен ефект, бидејќи поголемиот дел од кандидатите не ја реализирале обуката успешно и не го завршиле испитот.

Ревизорите утврдиле слабости и пропусти и во начинот на реализација на постапката за јавна набавка за огрев (пелети)  во вкупен износ од 2.100 илјади денари, односно 34 илјади евра кај која пазарните цени на пелетите во моментот на испораката биле повеќе од двапати пониски од цената по која била спроведена оваа постапка.

Ревизорите исто така утврдиле повеќе слабости во начинот на спроведување и реализација на постапката за набавка на информатичка опрема – персонални, преносни компјутери и печатачи  во делот кој се однесува на  ИТ опрема за кои е склучен договор во висина од 20.587 илјади денари односно 334.800 евра, реализиран целосно во 2024 година, што има влијание на економично, ефективно и ефикасно користење на средствата и почитување на основните начела на Законот за јавни набавки.

Согласно Колективниот договор на Агенцијта  предвидени се и бодови за директорот  и заменик на директорот, што е спротивно наодредбите на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Започнувајќи од месец јуни 2019 година предвидено е погоре наведената состојба да биде уредена со склучување на менаџерски договор меѓу именуваниот директор, заменик директор и Владата.

До денот на ревизијата исплатата на платата на директорот и заменик директорот се врши без склучени менаџерски договори што влијае  на начинот на раководење и пресметка на платите.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected] 
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]