dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Конечен ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија прв пат дискутиран на пленарна седница во Собранието

22.10.2024

Денес, на ден 22.10.2024 година, на 16-та пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, за прв пат во историјата на Државниот завод за ревизија, се разгледуваше и се дискутираше по конечен ревизорски извештај на ДЗР и тоа за Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“.

Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, пред Претседателот на Собранието г. Африм Гаши и пред пратениците во пленарната сала изрази уверување дека овој начин на разгледување на конечните ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија на пленарните седници на Собранието на Република Северна Македонија ќе придонесе за поефикасно постапување на надлежните институции по препораките дадени од Државниот завод за ревизија.

Во своето експозе г. Ацевски истакна дека секоја држава вклучително и нашата, треба да се грижи за својот високо образовен кадар и да генерира политики и мерки кои ќе ја намалат емиграцијата од државата.

Во објавениот конечен ревизорски извештај, во заклучокот се наведува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска Методологија и прибраните ревизорски докази, стекнато е  уверување дека активностите на надлежните институции носители на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата.

Претходно, на ден 08.10.2024 година, на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски пред Претседателот на комисијата г. Бојан Стојановски, министерот за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска и пред пратениците членови на ресорната комисија ги елаборираше клучните утврдени состојби во конечниот ревизорски извештај кој беше дискутиран денес во Собранието на Република Северна Македонија.