dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Потпишан Меморандум за соработка со Црвениот крст

30.09.2024

На 30.09.2024 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и Генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити, потпишаа Меморандум за соработка.

Овој меморандум е значаен чекор во насока на зајакнување на хуманитарната поддршка и соработката помеѓу двете институции, со цел реализација на заеднички активности насочени кон поддршка на ранливите категории на население и промоција на хуманитарните принципи.

Договорните страни, водени од желбата за воспоставување на партнерство, се согласија да работат заедно во областа на крводарителството, првата помош и психосоцијалната поддршка, како и во организација на јавни настани кои ќе придонесат за доброто на заедницата.

Во рамките на својата хуманитарна иницијатива, Државниот завод за ревизија, со цел да помогне во справувањето со последиците од пожарите што ја зафатија Македонија, обезбеди финансиски средства од 100.000 денари, демонстрирајќи посветеност на заедницата и поддршка за најпогодените.

Овој меморандум ќе обезбеди основа за континуирана соработка и зајакнување на партнерството помеѓу Црвениот крст и Државниот завод за ревизија, во интерес на граѓаните на нашата држава.

По овој повод и прославата на 25-годишнината на Државниот завод за ревизија, е организирана крводарителска акција, која одамна стана традиција во ДЗР. Овој хуманитарен настан е одраз на посветеноста на вработените да ја покажат својата хуманост и солидарност, давајќи пример за важноста на дарувањето крв и поддршката на ранливите категории во нашето општество.