Во периодот 26 и 27 септември, делегација на Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски престојува во Белград, на билатерална работна средба во Државната ревизорска институција на Република Србија, во рамки на кооперативната ревизија на успешност на тема „Урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во градовите “.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, изразувајќи благодарност за гостопримството на домаќините, го потенцираше задоволството од квалитетот на завршените активности, при тоа потсетувајќи дека во следниот период следат активности од фазата известување и подготовка на нацрт/ конечните ревизорски извештаи.
Успешната соработка помеѓу двете институции преку размена на знаења и искуства на ревизорските тимови од двете држави се од суштинско значење и за оваа кооперативна ревизија и ќе обезбедат додадена вредност од работата на Врховните ревизорски институции, во насока на подобро планирање на просторот и одржување и развој на зелената инфраструктура, во своето воведно обраќање нагласи Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски.
На билатералната работна средба, претставниците од двете институции ги презентираа резултатите од фазата извршување на кооперативната ревизија на успешност на тема „Урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура во градовите “.