dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Ограничена конкуренција и недоволна транспарентност во јавните набавки - ризик за неефикасно користење на јавните средства

11.07.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
Соопштение за медиуми-

Скопје, 11.07.2024

 

Ограничена конкуренција и недоволна транспарентност во јавните набавки - ризик за неефикасно користење на јавните средства

Со извршената ревизија на процесот на доделување на договори за јавни набавки утврдени се неправилности, вклучувајќи спроведување на постапки со преговарање во четири очи' без јасно дефинирани критериуми и нееднаков третман на економските оператори, што влијае врз ефикасното користење на јавните средства

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Процесот на доделување на договорите за јавни набавки“, во АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, АД ТЕЦ Неготино, ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“, ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо”–Охрид и Општина Битола за период 2021 и 2022 година.

Целта на ревизијата беше да се утврди дали процесот на доделување на договори за јавните набавки кај субјектите предмет на ревизија се спроведува согласно Законот за јавните набавки  и подзаконските акти.

Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености, кои влијаат на изразување на заклучок со резерва кај субјектите предмет на ревизија, освен за АД за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, каде е изразено неповолен заклучок, поради значајноста на утврдените состојби.

Годишните планови за јавни набавки за 2021 и 2022 година од страна на субјектите опфатени со ревизијата во пропишаната форма се навремено објавени на ЕСЈН, но честите измени на истите и значајниот процент на не спроведени набавки укажуваат на несоодветно утврдување на приоритетите и потребите и управувањето со јавните средства.

Со анализа на податоците од ЕСЈН во 2021 и 2022 година, утврдивме дека ревидираните договорни органи доставиле вкупно 290 известувања за вкупно 2.925 поништувања од кои 520 за постапки и 2.405 за делови од постапки за јавни набавки, што претставува 31% од вкупните поништувања во периодот.

Учество на поништувања по одделни основи во вкупните поништувања

Податоците покажуваат дека 23% од вкупните поништувања се однесуваат на состојби кои упатуваат на не соодветно планирање на постапките за ЈН. Имено договорните органи не извршиле соодветна претходна проверка на пазарот и не подготвиле соодветна тендерска документација поради што дошло до поништување на постапките.

Констатирано е дека АД ЕСМ, ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември и ЈЗУ Св. Еразмо Охрид  во Одлуката за јавната набавка, го менувале износот потребен за реализација на договорот и дообезбедувале средства, без да спроведат анализа за да се утврди дали економски е поисплатливо да се склучи договор или да се повтори постапката што создава ризик за неекономично користење на јавните средства.

Констатирани се состојби во кои дел од договорните органи во тендерската документација не обезбедиле целосни, точни и прецизни информации за економските оператори при спроведување на постапките. Имено, во јавната набавка за Проширување и изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС во АД ЕСМ Електрани на Македонија-подружница РЕК Битола од 2021 година, спроведена како постапка со преговарање без објавување оглас склучен е договор во износ од 980.000 илјади денари, условите за исполнување на техничката и кадровска способност (механизација и технички кадар) наместо да бидат утврдени од страна на договорниот орган истите се определени од страна на економскиот оператор.

Во постапката на преговори, биле поканети економски оператори кои не ги исполнувале условите утврдени во тендерската документација,  а не биле поканети економски оператори кои учествувале во реализација на договори со ист или сличен предмет и вредност на набавки кај договорниот орган и ги исполнувале условите во тендерската документација. Со изборот на постапката со преговарање договорниот орган, го ограничил бројот на потенцијални понудувачи односно конкуренцијата што може да доведе до неекономично трошење на јавните средства.

Комисијата за ЈН не извршила евалуација на понудите во согласност со условите и критериумите наведени во тендерската документација во постапките за Ангажирање на услуги за помошна механизација за потребите на рударската оператива РЕК Битола спроведена како отворена постапка, за дел 2 -Телескопски чистач на транспортни ленти мин 100 kw-гасеничар и за Ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино (РЕК Битола) спроведени во 2022 година, односно отфрлила понуди на економски оператори, иако истите биле согласно условите во тендерската документација.

Во ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ дел од медицинската опрема се апарати кои претставуваат затворени системи и користат реагенси и потрошен материјал кои ги обезбедуваат економски оператори кои се екслузивни застапници за стоките предмет на набавката. Констатиравме дека во седум набавки за реагенси во вкупна вредност од 71.599 илјади денари, економските оператори  како ексклузивни застапници доставиле финансиски понуди кои се идентични со проценетата вредност односно единечните цени на секој дел од предмет на набавката утврдени со Одлуката за јавна набавка.  Поседувањето на апарати за вршење на анализи со затворени системи кај договорните органи не овозможува конкуренција и создава ризик за економично користење на јавните средства.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]