dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Главниот државен ревизор оствари работна средба со Генералниот секретар на Владата

09.07.2024

Во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски оствари работна средба со Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, г. Игор Јанушев.

На работната средба, Главниот државен ревизор и Генералниот секретар на Владата разговараа на повеќе теми и области поврзани со предизвиците во управувањето со јавните финансии, и воедно дискутираа и за дел од утврдените клучни состојби во објавените конечни ревизорски извештаи кои изминатиот период предизвикаа големо медиумско внимание и се од интерес на државата.

Генералниот секретар на Владата ја потенцираше клучната улога на Државниот завод за ревизија во јавниот сектор, притоа потенцирајќи дека ДЗР како Врховна ревизорска институција во државата е исклучително важна институција имајќи ја предвид големата експертиза, професионалност и квалитет во вршењето на државната ревизија.

Двајцата соговорници изразија отвореност и подготвеност за продлабочување на комуникацијата и соработката, со цел подобро и поодговорно управувањето со јавните средства,  зголемување на довербата на граѓаните во ефикасноста на системот и начинот на користење на средствата на даночните обврзници, донесувањето на новиот Закон за државната ревизија и разгледување на конечните ревизорски извештаи во рамките на работните тела при Владата.