dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради сериозните финансиски предизвици на ЈП

04.07.2024

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми -

Скопје,04.07.2024 година

 

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради сериозните финансиски предизвици на ЈП

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта 12 години континуирано работи со блокирана сметка и основната дејност ја извршува во рамки на месечните лимити, кое има клучно влијание на квалитетот и континуитетот на извршување на дејноста

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари.

Вршењето на дејноста на претпријатието се реализира во рамки на месечните лимити, односно минимумот на парични средства над кои не може да се спроведе извршување, определени со Решенија на Основен суд Скопје II Скопје. Во последното донесено решение од 14.06.2021 година кое сеуште е во важност, месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 231 милиони денари, додека вредноста на потребни средства утврдена со Програма за одржување и заштита на државни патишта за 2022 година изнесува 1.850 милиони денари.

Kонстатирано e дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и Image removed.растот на цените на стоките и услугите.

Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари.

Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат  околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е  над 467 милиони денари.

Grafikon 10

Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки.

Со извршената ревизија како што претходно беше наведено утврдивме дека обврските по извршни решенија со кои е блокирана сметката на претпријатието со состојба на 31.12.2022 година изнесуваат приближно 663 милиони денари, што претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). На ревизијата не и е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година.

Исто така, констатирано е дека одговорното лице во претпријатието не ги осигурало градежни објекти и средствата со кои располага, во вредност од приближно 2 милијарди денари, односно 32.4 милиони евра, а кои се изложени на ризици.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет (20) дена по приемот и само 150 km изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.

Фотографија 20

 

Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати.

Фотографија 30

Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврди дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што истата поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување не се во согласност со Процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено „примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба‘‘. Дополнително, овие состојби не се во согласност со обврската на ЈП вршењето на својата дејност да го организира на начин со кој се обезбедува заштита и унапредување на добрата од општ интерес.

Со извршениот увид во документацијата и теренската посета на подружниците, секциите и зимските пунктови утврдено е дека во ЈП не е издвоена расходуваната опрема, од која 90% се возила и градежни машини користени за резервни делови без согласност од Владата. Опремата е уништена како отпад без да се спроведе соодветна законска постапка, а нејзината употреба не е уредена со интерен акт, што создава ризик од неконтролирана и несоодветна употреба.

Со ревизијата утврдивме дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци дополнително влијаат на влошување на финансиската состојба на ЈП и истите за период од 2018 година до 2023 година, искажани во илјади денари, се прикажани на следниот графикон:

Графикон 40

Графикон број 2 –Штети, камати и судски трошоци во период 2018 – 2023 година

Од спроведената анализа во анализираниот период, произлегува дека трошоците по основ на надомест на штети, камати и судски трошоци биле најголеми во 2018 година и истите изнесувале вкупно 17.791 илјади денари. Овие трошоци до 2021 година имаа тренд на намалување и во таа година изнесуваат вкупно 8.317 илјади денари. Од 2022 година трошоците по основ на надомест на штети и судски трошоци повторно бележат пораст и во 2023 година нивниот вкупен износ е 16.149 илјади денари, односно поединечно достигнале повисоко ниво отколку во 2018 година.

Исто така, органите на раководење и управување не презеле активности за проценување на средствата со кои располага ЈП од страна на овластени проценители за да се утврди објективната вредност на основната главнина. Истата не е евидентирана како основачки влог во единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица при Централниот регистар на Република Северна Македонија и не се забележани подружниците во регистарската влошка во којашто е запишано трговското друштво.

Во 2022 година, трошоците за бруто плати на вработените во Јавното претпријатие изнесувале околу 390 милиони денари, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година, кога изнесувале околу 356 милиони денари. Ова зголемување се случило и покрај намалувањето на бројот на вработени од 840 на 796. Причината за зголемените трошоци е измената на Правилникот за плати и наградување, со која се зголемил бројот на бодови за пресметување на платите. Оваа измена е усвоена од страна на Управниот одбор и почнала да се применува од јуни 2022 година, но Јавното претпријатие не добило согласност од од основачот, односно Владата за оваа одлука, што не е во согласност со законските прописи.

Ревизијата констатира дека во 2022 година, па се до денот на ревизијата Асфалтната база во Штип не работела, а производството на асфалт за оваа база го вршела Асфалтната база во Лепенец. Причината за оваа состојба е резултат на извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, по што издадено е Решение за забрана за работата и укинување на А – интегрирана еколошка дозвола, а поради прекршување на законот за заштита на амбиенталниот воздух. Од извршениот теренски увид и разговори со надлежните лица ревизијата доби информација дека се започнати активности за обезбедување на услови за добивање на интегрирана еколошка дозвола. Надминувањето на оваа состојба е значајно не само за заштита на животната средина, туку и за обезбедување на континуитетот во работата на Асфалтна база во Штип, како и намалување на транспортните трошоци на претпријатието.

Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72 228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]