dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Придобивките и штетните влијанија од експлоатацијата на минералните суровини - мермерот

11.06.2024

 ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                                

 - Соопштение за медиуми-       

Скопје, 13.06.2024 година

 

Придобивките и штетните влијанија од експлоатацијата на минералните суровини - мермерот

Мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции НЕ обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, како и сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци.

 

Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2023 година изврши ревизија на успешност на тема Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермеротсо цел да се даде одговор на прашањето: Дали политиките и преземените мерки и активности од надлежните органи обезбедуваат сигурност за ефикасно доделување на концесии и надзор над реализацијата на склучените договори за експлоатација на минерални суровини со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност?

 

slika_1

 

 

 

 

 

 

 

 

Со ревизијата на успешност опфатени се прашања поврзани со:

  • Системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини;
  • Концесиските надоместоци и
  • Надзорот над експлоатацијата на минерални суровини согласно склучените договори и издадени дозволи.

Минералните суровини се добра од општ интерес кои се главен ресурс за вкупниот економски и општествен развој на секоја национална економија. Со искористувањето на минералните суровини неопходно e да се обезбеди нивна оптимална искористеност во согласност со начелата на одржлив развој и заштита на животната средина.

Вршење на експлоатација на минералните суровини се стекнува (концесионер) со добивање на концесија која ја доделува Владата (концедент) согласно утврдени постапки. За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257 концесионери, на вкупна површина од 333,73 км2, што претставува 1,3% од вкупната територија на државата, од кои за експлoатација на мермер се доделени 29 концесии.

Концесионерот кој што врши експлоатација на минерални суровини е должен да плаќа: годишен надоместок за користење на просторот и надоместок за експлоатирана (продадена) количина на минерална суровина, предмет на концесијата. Средствата се уплатуваат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и се 22% приход на Буџетот на Република Северна Македонија и 78% приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност.

За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 - 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи.

Со извршената ревизија и обезбедените докази стекнавме разумно уверување дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не обезбедуваат целосна подготвеност и сигурност за остварување на оптимална искористеност на минералните суровини, сеопфатна и навремена наплата на концесиските надоместоци и ефикасен систем на надзор над реализацијата на склучените договори.

Со извршената ревизија ревизорите утврдиле:

  1. На национално ниво не е донесена долгорочна стратегија за оптимално искористување и управување со минералните суровини повеќе од 11 години, а активностите за нејзино изготвување се започнати во 2022 година, со рок на донесување до април 2024 година.
  2. Законската регулатива која ја третира предметната област е изложена на чести измени и дополнувања, а одредени одредби не се доволно јасни и прецизни што создава несигурност при нивна примена.
  3. Базите на податоци на Министерството за економија и катастарот на минерални суровини што го води Геолошки завод не обезбедуваат јасен и целосен преглед на состојбите со минералните суровини врз основа на кој ќе се вршат анализи со цел водење активна политика во однос на оптималното искористување на минералните суровини.
  4. Слабости во постапката при доделувањето на концесиите за експлоатација на минералните суровини од аспект на: не пропишани услови за докажување на техничка способност на понудувачите, поништување на постапката од страна на концедентот, избор на новоформирани концесионери кои не доставиле доказ за докажување на нивната економско финансиска состојба, како и непрецизно уредени договорни обврски со концесионерите кои не обезбедуваат правна заштита на концедентот во случај на нивно непочитување.
  5. Системот на плаќање на концесиските надоместоци се спроведува без да биде уреден начинот на меѓусебна комуникација и размена на податоците помеѓу надлежните институции и без јасно дефинирање на меѓусебните односи и надлежности, што создава слабости во непречено и целосно следење на плаќањето и преземање на навремени мерки и активности за наплата на ненаплатените надоместоци од страна на концесионерите.
  6. Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и истиот не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите.
  7. Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 - 2022 година претставуваат 1% од остварените приходи од продажба на концесионерот.
  8. За периодот 2018 - 2022 година, констатирани се помалку наплатени концесиски надоместоци во вкупен износ од 21.050 илјади денари односно 341 илјади евра од кои: 9.804 илјади денари по основ на простор, 5.421 илјади денари по основ на експлоатирана минерална суровина и во износ од 5.825 илјади денари по основ на пресметана, а ненаплатена камата и ненаплатен надоместок по записници од УЈП.
  9. За истиот период, ненавремено, односно по истекување на законски утврдениот рок наплатени се вкупно 1.174.809 илјади денари односно 19 милиони евра по основ на концесиски надоместок за простор и експлоатирана количина на минерални суровини. Во периодот на известување од ревизијата од вкупниот износ уплатени се 8.392 илјади денари за концесиски надоместоци и камата, а по основ на дадените препораки од претходната ревизија наплатена е камата во вкупен износ од 6.136 илјади денари која се однесува за периодот 2016-2022 година, што претставува додадена вредност во остварување на буџетски приходи.  

Графикон - Надоместоци за експлоатација на минерални суровини

slika_2

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

  1. Користените рударски техники за добивање на корисна маса и отсуството на мерки за реупотреба на јаловината имаат влијание врз степенот на искористеност на минералните суровини, како и зголемено производство на јаловина со кои се создаваат негативни ефекти врз животната средина.
  2. Со извршено аерофотограметриско снимање од страна на експерт/геодет на дефинираниот простор на концесијата, кај 2 концесии утврдивме ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 м2, што создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместокот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле.
  3. Инспекциски надзор над експлоатацијата на минералните суровини е без целосна примена на методологијата за проценка на ризици при избор на субјекти на надзор, нецелосно извршени контролни надзори за отстранување на неправилности, без потврдување на експлоатираните количини на мермер, како и во услови на недостаток на стручни човечки ресурси и опрема не обезбедува ефикасен контролен механизам.
  4. Недостигот на инспекциски надзор врз донесените планови за управување со отпад создава ризик врз намалување на негативните ефекти и штетните влијанија врз животната средина.

За надминување на погоре наведените состојби, до надлежните институции дадени се препораки кои се темелат на резултатите од извршената ревизија кои треба да обезбедат подобрување на состојбите во делот на: правната и стратешката рамка на системот за управување со процесот на доделување и одземање на правото за експлоатација на минерални суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој.

 

Линк до видео за Конечниот ревизорски извештај:
https://www.youtube.com/watch?v=NcjEUYEPIsg

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]