dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Работилница со претставници од Јавното обвинителство и дискусија за досегашните искуства од меѓусебната соработка

05.06.2024

Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија отвори нови патишта за продлабочување на соработката помеѓу овие две институции.

Со поддршка на долгогодишниот партнер, Вестминстер фондацијата за демократија во нашата земја, се одржа работилница каде што се анализираа досегашните искуства и беа  разгледани можностите за подобрување на комуникацијата, размената на информации и работата на терен помеѓу овие две институции.

Изразувајќи силно уверување, дека соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство има потенцијал да направи значителен напредок во подобрување на управувањето и зголемување на ефикасноста, економичноста и ефективноста во користењето на јавните средства, а со тоа и создавање на контролно опкружување што ќе го зголеми нивото на одговорност и ќе обезбеди законско користење на средствата на даночните обврзници, истакна во својот говор Главниот државен ревизор, г. Максим Ацевски.

Своето задоволство и поддршка за поинтензивна соработка помеѓу двете клучни институции кои имаат придонес за владеењето на правото и заштитата на интересите на граѓаните, го изрази и Јавниот обвинител на РСМ, г. Љупчо Коцевски.

Во текот на работилницата, работните групи активно дискутираа за постапките во поединечните предмети во јавните обвинителства, формирани врз основа на конечните ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија. Ова овозможи дополнителна комуникација меѓу државните ревизори и надлежните јавни обвинители, во насока на предлагање на активности за поблиска координација во постапувањето и обезбедувањето на доказите за евентуална кривична постапка.

Имајќи ја во предвид улогата и значењето на двете институции за ефикасното функционирање на правниот систем и за обезбедување на владеењето на правото во нашата земја, а воедно и разработените упатства за постапување, овие иницијативи значително ги зајакнуваат релациите помеѓу Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, што всушност не само што ги подобрува капацитетите за извршување на нивните обврски, туку и значително ја зголемува довербата на јавноста во нивната работа, обезбедувајќи транспарентност, одговорност и интегритет.