dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Потрошени околу 17 милиони денари за метење на улици – што е далеку над планираните средства

02.04.2024

 ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
-
Соопштение за медиуми -

Скопје, 02.04.2024 година

 

Потрошени околу 17 милиони денари за метење на улици – што е далеку над планираните средства

Износот на средства за извршување на јавни работи значително отстапува од предвидениот за таа намена, а ангажираните работници немаат обезбедено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Шуто Оризари, за 2022 година.

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои доведуваат до изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметките на основен буџет 630 и 637.

Општина Шуто Оризари работи со Статут донесен во 1997 година, кој требал да се усогласи со Законот за локалната самоуправа, заклучно со август 2002 година. Неговата неусогласеност како највисок акт на општината, го доведува во прашање редовното функционирање на нејзините органи и создава услови за незаконско работење на општината.

И покрај извршените пет измени и дополнувања (ребаланс) на буџетот на општината за 2022 година, утврдено е значително отстапување помеѓу планираните и реализирани приходи (75,5 %) и расходи (68 %).

Со ревизијата констатирани се поголем број на неправилности кои влијаат на транспарентноста на постапката и трошењето на средствата остварени по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти.

Имено во постапувањето по барања по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградените објект не се изготвува Заклучок за запирање на постапката во случај на некомплетно барање и Записник од извршен увид на лице место. Во Програмата за урбано планирање не е предвидено средствата наплатени од овој надоместок да се користат за оваа намена, како и до Министерството за транспорт и врски не е доставен Годишен извештај за 2022 година за користењето на овие средства.

Поради отсуството на одговорен сметководител, финансиската документација ја одобрува само градоначалникот на Општина Шуто Оризари, што не дава уверување дека финансиските промени, односно трансакции се извршени во согласност со законските прописи.

Општината не преземала мерки за поврат на средства за исплатени паушали од минати години на градоначалник и советници во износ од 3.418 илјади денари, а поради воспоставената пракса на исплата на надоместок за членовите на советот за секој месец во тековната година, незаконски се исплатени 272 илјади денари на советниците кои не присуствувале на седниците.

Во текот на 2022 година во просек месечно општината ангажирала околу 40 лица за извршување на јавни работи, односно метење на улици и тротоари, патеки во паркови, чистење на снег и помош при чистење на диви депонии за што се исплатени вкупно 16.921 илјада денари, односно 3 пати повеќе од планираните средства за оваа намена. Изборот на ангажираните лица е извршен без јавен повик, надоместокот на лицата се движи од 6 до 18 илјади денари, без да имаат обезбедено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

Општина Шуто Оризари, иако поседува имот запишан во Агенцијата за катастар на недвижности нема преземено активности за проценка на вредноста и негово сметководствено евидентирање и нема извршено попис на средствата и изворите на средства со состојба на 31 декември 2022 година.

Во текот на 2022 година, извршени се набавки на стоки и услуги  во износ 1.108 илјади денари за кои не се спроведени постапки за јавни набавки.

Ревизијата обелоденува дека во текот на 2023 година од наменската сметка на приходи на буџет на дотации (930) наменета за училишта и градинки, исплатени се средства во висина од 3.600 илјади денари на сметката на расходи на буџет на дотации (937), кои се пренесени (уплатени) на правно лице со кое општината нема должничко доверителски односи и за кои постои неизвесност од нивно враќање во буџетот на општината, односно според податоците добиени од тековна состојба на надлежниот регистар упатува дека средствата се уплатени на правен субјект каде управител е вработено лице во општината.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]