Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема “Ефикасност на мерките, политиките и проектите за исполнување на условите во кои функционираат државните студентски домови во Република Северна Македонија и развој на студентскиот стандард“ со цел да одговори на прашањето ,,Дали надлежните институции во Република Северна Македонија преземаат мерки и активности за континуирано подобрување на студентскиот стандард“?
Во ревизорскиот извештај се наведува дека, мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана како и реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на Државните студентски домови.
Во делот на стипендирањето на студентите воспоставени се неколку мерки кои се соодветни, но истите не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми, а поради аплицирање кај повеќе од една група на стипендии, обемната документација и недоследностите при утврдување на исполнетоста на условите дел од стипендиите не се доделени. Дополнително, ревизорите утврдиле дека е воспоставен начин на стипендирање за студирање во странство со кој не се обезбедува ефикасна искористеност на исплатените средства и придобивки за државата.
Ревизорите утврдиле дека верификацијата која треба да ја направи МОН пред започнувањето со работа на студентските домови до денот на извршување на ревизијата не е извршена за сите државни студентски домови и нема воспоставен Регистер на студентски домови, што неповолно влијае врз спроведувањето на постапките за сместување на студентите и на реалноста на прикажаниот капацитет на студентските домови.
Не е изработен ниту посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.
Вкупните средства кои се реализирани согласно Програмата за финансирање, реализацијата и развој на дејноста студентски стандард за 2022 година се во износ од 1.397.455 илјади денари (околу 22,6 милиони евра) и тоа:
Воспоставениот начин на субвенционирање на студентскиот оброк од страна на МОН преку исплата на трансакциските сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 701.482 илјади денари (околу 11,37 милиони евра) или 50,2% во вкупните средства за студентскиот стандард се користат исклучиво за намената која е определена со Законот за субвенциониран студентски оброк, при што во текот на 2023 година направени се измени во Законот за студентски оброк во обид да се намали можноста од вакво постапување на корисниците на средствата.
За мерките за студентско стипендирање ревизорите проценија дека се соодветни, но истите не се усогласени со интересот за студирање по студиски програми. За дел од студиските програми е предвиден износ на стипендија кој е три пати повисок од редовниот износ кој е утврден во висина од 6.050 денари за кој постои можност за подобрување преку реструктуирање на останатите расходи од Програмата.
Со мерките за стипендирање на студенти по конкурсот за 2022/23 година предвидени се 3.105 стипендии од кои се одобрени 2.509 стипендии, а со вклучени стипендии кои се претходно одобрени, бројот на стипендирани студенти изнесува 6.179 студенти по кој основ МОН во текот на 2022 година има исплатен износ во висина од 235.849 илјади денари (околу 3,8 милиони евра).
Резултатите од извршена компарација на висината на исплатената стипендија по студенти во нашата земја во однос на соседните земји ја прикажуваме на следната табела:
Ревизорите утврдија евидентирано намалување на бројот на одобрени стипендии во периодот 2019-2022 година, но и зголемување на број на апликации како и бројот на одбиени студенти, кој за 2022/23 година достигнал до 2.942 што укажува на голем интерес на студентите но и на слабости во постапката за доделување на стипендиите особено во делот на обезбедување на потребната документација.
Бројот на студенти кои аплицирале за стипендија и на кои им е одобрена истата е прикажан во следната табела:
2019/2020
2020/2021
2021/2022
2022/2023
Стипендии објавени по конкурс
3.075
3,075
3,075
3,105
Аплицирани студенти по конкурс
4.480
4.331
4.704
5.451
Одобрени стипендии
2.697
3.026
2.797
2.509
Неодобрени стипендии
1.783
1.305
1.907
2.942
Ревизорите утврдија дека за студирање на еден од првите 100 Универзитети во светот во 2022 година за 111 студенти, исплатени се средства во износ од 188.361 илјади денари (околу 3 милиони евра) кои имаат учество од 44,4% во вкупните средства за стипендии. Притоа максималниот износ кој МОН го исплаќа за еден студент износува до 40.000 долари и за престој месечно од околу 45 илјади денари за вкупно 10 месеци во текот на годината. Голем дел од стипендираните студенти не ги почитуваат договорните услови и не се враќаат во земјата по завршувањето на студиите поради што средствата не се ефикасно искористени.
Во ревизорскиот извештај се нотирани и состојбите поврзани со сместувањето и исхраната на студентите и функционирањето на ДСД кои се однесуваат на:
- значително намалување на сместувачките капацитетите кај сите државни студентски домови во период 2019 - 2022 година односно од 5.815 легла на 4.490 во 2022 година, што претставува 77,28% пополнетост, но и отстапувања во бројот на сместени студенти во однос предвидени со конкурсот;
- исплатата на средствата на државните студентски домови не се врши врз основа на ажурирани списоци за сместените студенти кои се одобрени од страна на одговорните лице во МОН.
- објектите кои ги користат ДСД во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење;
- невоедначените услови кои ги нудат студентските домови и интересот на студентите за сместување во одредени ДСД и
- незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови.
Од страна на ангажираниот независен експерт извршена е анализа на соодветноста на утврдената цена за сместување која е основен извор на приходи на ДСД и е утврдено дека истата не е променета од 2008 година и изнесува 6.820 денари месечно за 10 месеци во годината од која МОН партиципира 50% од цената, а остатокот го плаќаат студентите. Истата не обезбедува задоволително ниво на финансиска одржливост на домовите што упатува на потреба од реално определување на економската цена за сместување и исхрана по студентите во ДСД.
Учеството на средствата од Програмата за студентски стандард наменети за функционирање на студентските домови е прикажан во следниот график:
Ревизијата во соработка со ангажиран независен експерт спроведе и анкета на задоволството на студентите од условите во студентските домови. Резултатите од анкетата на кој на поставените прашања (со оценки од 1 до 5) одговориле 286 студенти односно околу 8,25% од вкупниот број, се прикажани во следната табела:
Колку сте задоволни од следните услови во студентскиот дом во кој престојувате?
Просечна оцена
Исхрана (квалитет, разновидност, количина)
2.64
Хигиена (санитарии, чистота, достапност на топла вода)
2.41
Мебел (физичка состојба, функционалност)
3.33
Соби за домување (квадратура, опременост, други физички услови)
2.98
Техничка опрема (принтер, фотокопир, компјутер, ТВ)
1.67
Интернет (стабилност, брзина, јачина на сигнал)
1.81
Услови/атмосфера за учење (звучна изолација, почитување на куќен ред, соодветен простор)
2.53
Заеднички простории (менза, читална/библиотека, дворна површина)
3.07
Спортско-рекреативни услови (реквизити и простор за спорт и рекреација)
2.12
Културно-забавни активности во студентскиот дом
2.46
Загревање и ладење на просторот
2.58
Безбедност на објектот и студентите
2.80
Врз основа на податоци добиени од државните студентски домови извршена е и анализа на количината на основни прехранбени продукти кои се најзастапени во исхраната на студентите во поединечни студентски домови. Резултатите од оваа анализа се прикажани на следниот график:
Во делот на инвестициите ревизорите нагласуваат дека Проектот за енергетска ефикасност со кој се планира темелна реконструкција на сите државни студентски домови во земјата е започнат од страна на МОН. Притоа за овој проект е обезбеден кредит и грант во вкупна висина од 24.785.067 евра, меѓутоа постои неизвесност во врска со доволноста на обезбедените средства за целосно реализирање на овој проект согласно планираното, а активностите за реконструкција на домовите сеуште не се започнати.
Во врска со проширувањето на капацитетите на ДСД во текот на ревизијата завршена е изградбата на ДСД Тетово со капацитет за 300 студенти, но се уште не е изготвен записник за технички прием и не целосно завршена постапката за пуштање на овој објект во употреба на начин кој е пропишан во законските прописи од оваа област.
Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203 albiona.mustafa@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486 [email protected]
Мартин Дувњак +389 75 268 517 martin.duvnjak@dzr.gov.mk
.