dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Улогата на Врховните ревизорски институции во унапредувањето на родовата еднаквост

14.03.2024

Во периодот 11 - 15 март, делегација од Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и претставници од канцеларијата на UN Women во државата, учествуваат на 68-та Комисија за статусот на жените која се одржува во Обединетите Нации со седиште во Њујорк, Соединети Американски Држави.

Во рамки на Комисијата за статусот на жените која е посветена на Улогата на Врховните ревизорски институции во унапредување на родовата еднаквост, Државниот завод за ревизија со поддршка на UN Women, беше домаќин на страничен настан на тема: „Врховните ревизорски институции како двигатели за зголемување на отчетноста кон финансирање на родовата еднаквост“, Ревизија на ЦОР 5 – искуства од Западен Балкан.

На страничниот настан, организиран како панел кој го модерираше г-ѓа Ермира Лубани од UN Women, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски ги презентираше досегашните искуства и постигнати резултати на Државниот завод за ревизија во спроведувањето на родовите ревизии, како и клучните утврдени состојби од извршената ревизија на успешност на тема „Родова еднаквост на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“, во која ДЗР е координатор на кооперативната ревизија која ја спроведува заедно со Врховните ревизорски институции на Република Косово и Република Албанија.

На настанот, свои согледувања и обраќања на предметната област имаа и г-ѓа Лиса Сатон, директор на UN Women за независна евалуација и ревизија и г-ѓа Софиа Оребринк, експерт за родова еднаквост, а беа презентирани и изготвените видео и брошура за кооперативната ревизија кои ги содржат клучните состојби и активности на ревизорските институции.

За време на престојот во Њујорк, делегацијата од Државниот завод за ревизија предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски оствари работна средба со Амбасадорот на Мисијата на Република Северна Македонија во Обединетите Нации во Њујорк, г. Љубомир Фрчковски, и со г-ѓа Лиса Сатон, директор на UN Women.

Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција во Република Северна Македонија веќе неколку години во соработка со UN Women успешно спроведува родови ревизии и на тој начин дава сериозен придонес кон унапредување на родовата еднаквост во мерките и политиките во државата, регионот и пошироко.