Зголемување на достапноста на ефективна и иновативна испорака на курсевите на CIPFA и поддршка за обука за управување со ризици од корупција, беа теми на работната средба на Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски и г. Кхалид Хамид, меѓународен директор на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (ЦИПФА).
Државниот завод за ревизија како институција со високо оценет интегритет и професионалност, која постојано вложува во унапредувањето и зајакнување на капацитетите на своите вработени и овозможи 101 овластени државни ревизори да се стекнат со Меѓународен сертификат за управување со ризици од корупција, од кои 17 од нив се сертифицираа и за обучувачи, создава можност за проширување на дејствувањето на ЦИПФА со давање на поддршката за акредитација на ДЗР.
Во тек се меѓусебни преговори и продлабочување на соработка помеѓу двете институции, кои во иднина ќе имаат придобивки од преземените активности од взаемен интерес, со цел создавање на ефикасно контролно и превентивно опкружување во борбата против корупцијата и другите видови на несоодветно постапување.
Досегашниот докажан квалитет и подготвеноста на ДЗР да биде кредибилен извор за поддршка на корисни промени во јавниот сектор, со градење на капацитети преку промовирање на учење и споделување на знаење, овозможуваат ДЗР да го носи епитетот лидер во регионот како врховна ревизорска институција која е чувар на јавните средства и заштита на интересите на граѓаните.