dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Успехот бара визија, напор, труд и посветеност

18.12.2023

Денес, Државниот завод за ревизија слави 26  години постоење како правен субјект и 24 години акумулирано и пренесено знаење и искуство, континуирана посветеност и напорна работа за да го задржи  епитетот на независен и професионален партнер со висок интегритет и носител на напредокот во управувањето со јавните средства, отчетноста и одговорноста во користењето на истите. Со тоа, ДЗР континуирано се залага за подобрување на благосостојбата на граѓаните на нашата земја.

Ние, како Врховна ревизорска институција,  имаме храброст да ги видиме работите онакви какви што се, но и вештини кои ни помагаат да продолжиме да ја зајакнуваме довербата и угледот на независна, објективна и ефикасна институција во насока на заштита на средствата на даночните обврзници.

Во духот на INTOSAI принципите, како чувар на јавните средства, со многу труд и посветеност, благодарение на професионализмот, интегритетот и непристрасноста, ДЗР денес ужива висок кредибилитет како една од најпрепознатливите институции во Република Северна Македонија, која промовира добро владеење, зајакнување на транспарентноста, обезбедување на отчетност и одговорност, борба против корупцијата, промовирање доверба и поттикнување на ефикасно и ефективно користење на јавните ресурси во корист на граѓанинот.

Додека ја славиме оваа годишнина и размислуваме за нашата улога како Врховна ревизорска институција, како институција која 24 години ги одржува највисоките стандардите во улога на чувар на отчетноста, транспарентноста и заштитата на интересите на граѓаните, сакам да искажам благодарност до вработените кои со нивната посветеност, љубов кон институцијата и напорна работа го придвижуваат Државниот завод за ревизија кон пиедесталот, а јас се чувствувам привилегиран да работам со луѓе на кои извонредноста не им е чин, туку е навика и задоволство.