dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Отворен форум за антикорупција

07.12.2023

Во пресрет на Меѓународниот ден за борба против корупција (9 декември), на покана на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), на 6, 7 декември Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски учествуваше како панелист на „Отворениот форум за антикорупција“ што се спроведува како дел од програмите „Граѓаните против корупцијата“  подржана од УСАИД и Регионалната мрежа за антикорупција (СЕЛДИ) поддржана од Европската Унија.

Во панел дискусијата насловена „Дали ги исполнивме ветувањата за борба против корупцијата?“, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски потенцирајќи ги резултатите и додадената вредност од работењето на Државниот завод за ревизија пред присутните изрази задоволство што раководи со институција во која работат вработени со висок степен на професионализам, одговорност и интегритет.

Во таа насока, Главниот државен ревизор истакна дека е крајно време во нашата држава конечно да се препознаат и пофалат успешните приказни во системот за превенција и борба против корупцијата без притоа да се генерализираат состојбите, а Државниот завод за ревизија како Врховна ревизорска институција ќе настојува со максимални заложби да придонесува преку утврдените состојби во конечните ревизорски извештаи кон создавање на квалитетно и ефикасно контролно опкружување.

Форумот за антикорупција со воведни обраќања го отворија Претседателот на државата г. Стево Пендаровски, Амбасадорот на делегацијата на Европската Унија во државата, г.  Дејвид Гир и директорката на Канцеларијата за демократија и добро владеење на УСАИД, г-ѓа Дон Кармин, по што следуваше презентација од директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) г. Александар Кржаловски за клучните наоди од Извештајот за проценка на корупцијата во државата.

На вториот ден од отворениот форум, на покана на Транспаренси Интернешнл Македонија во рамки на панел дискусијата на тема „Која е цената на борбата против корупцијата?“, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски потенцираше дека Државниот завод за ревизија е една од ретките институции во државата која во Годишниот извештај за работата на ДЗР, транспарентно ги објавува износите на поддршката од донаторите со кои соработува ДЗР, во кои е видливо со кој донатор се спроведуваат проектни активности водејќи грижа да со секој донатор се опфаќаат различни области и да нема преклопување во спроведените активности, а редовно информира и за активностите и работните средби со дипломатскиот кор во државата и делегацијата на ЕУ во Скопје.

На настанот учествуваа и присуствуваа бројни претставници од надлежните институции задолжени за превенција и борба против корупцијата, претставници од граѓанските организации членки на Платформата за борба против корупцијата, како и претставници од домашни и меѓународни организации и медиумите.