dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Успешно реализирана програмата за превенција од корупција

24.11.2023

Сериозниот пристап на Државниот завод за ревизија како институција која постојано вложува во унапредувањето и зајакнување на капацитетите на своите вработени, и подадената рака за успешна соработка со меѓународните организации Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (ЦИПФА) и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) овозможи учество и можност за 100 овластени државни ревизори кои денес на завршниот настан се стекнаа со Меѓународен сертификат за управување со ризици од корупција.

Доделувањето на признанијата е во рамки на проектот „Активност за антикорупција и интегритет“ којшто го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а со несебична поддршка од страна на УСАИД.

Во своето обраќање Главниот државен ревизор,  м-р Максим Ацевски, заблагодарувајќи им се на претставниците на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (ЦИПФА) и на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) за дадената можност, истакна дека е горд на сите вработени за искористената можност за унапредување на нивниот професионалниот развој и едукација во полето на превенција од корупција.

Овие заложби и постигнати резултати го прават Државниот завод за ревизија пионер и институција со визија, не само во регионот, туку и пошироко, во областа на спроведувањето, управувањето и следењето на ризиците од корупција и плановите за интегритет на ниво на држава, во сите субјекти од јавниот сектор.

ДЗР преку додадената вредност од спроведувањето на државната ревизија, во континуитет придонесува за зајакнување на системот за финансиско управување на јавните институции и ефективно мерење на резултатите, со цел создавање на превентивно опкружување во борбата против корупцијата и другите видови на незаконско постапување.

Во текот на вчерашниот ден, во рамки на активностите од програмата, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заедно со г. Калид Хамид, директор на ЦИПФА и г. Мајк Драјвер, поранешен претседател на ЦИПФА, остварија работна средба и со Заменик Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, г-ѓа Славица Грковска на која се дискутираше за можностите за заедничка соработка во однос на подобрување на условите за превенција од корупција во државата и можноста од ангажман на CIPFA во делот на активностите на меѓуресорското тело за координација на активностите против корупција.

Програмата за превенција од корупција е подготвена и развиена како амбициозна програма од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и Овластениот институт за јавни финансии и сметководство - ЦИПФА, а поддржана од Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС.