dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Општина Прилеп со буџет без програми

21.11.2023

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми -

Скопје, 21.11.2023 година

 

Општина Прилеп со буџет без програми

Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа во работењето на општината, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Прилеп за 2022 година.

Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива на сметките на основен буџет 630 и 637.

Отсуствува граѓанското учество при креирање и реализирање на буџетот и транспарентност во јавното информирање, а советот на општината усвојува буџет за кој нема донесено програми за активностите кои се во надлежност на општината.

Во буџетот на општината не се уплатени (447.154 евра) 27.500 илјади денари, средства по основ на надоместоци за одржување на јавна чистота и урбано зеленило и комунална такса за користење простор за паркирање, а за побарувањата кои се евидентирани во износ од (263.626 евра) 16.213 илјади денари не постои законски основ за нивна наплата, од причина што должниците се веќе избришани од евиденција во Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Mатеријалните средства во подготовка не се соодветно сметководствено евидентирани, не е обезбедена заштита на општинскиот имот, а констатирани се и неправилности во извршување на пописот на средствата и обврските.

По основ на субвенционирање на ЈКП “Комуналец“ Прилеп, исплатени се средства (1.028.276 евра) 63.239 илјади денари без целосна поткрепувачка документација за извршениот обем на активности од годишниот план на претпријатието.

Исплатата на средства од (219.869 евра) 13.522 илјади денари на спортски клубови, здруженија  на  граѓани,  фондации, талентирани  ученици  и социјални бенефиции, е извршена без донесени програми, а корисниците не доставуваат извештај за потрошените средства и не се објавени на веб страната на општината.

Субвенционирањето на месечни трошоци за вода (45.587 евра) 2.804 илјади денари на социјално ранлива група на граѓани се врши без претходна контрола на статусот на корисниците на субвенција, што дава можност да се субвенционираат корисници кои немаат статус на ранлива категорија граѓани. Исто така, не се утврдени прецизни критериуми за исплата на еднократната парична помош за егзистенцијални потреби и за лекување, која ја доделува градоначалникот на предлог на Комисијата за финансирање и буџет при Советот на општината.

Општината при изведување на градежните работи кои се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта и улици и примарна и секундарна канализациона мрежа, не обезбедила соодветна законска документација потребна за градбите во кои инвеститор е општината, поради што завршените градби во вкупен износ од (1.153.577 евра) 70.945 илјади денари иако се ставени во употреба, за истите нема завршен извештај и технички прием.  

Графикон 1

За инфраструктурен објект, реконструкција и доградба на мост на градска река на улица „Трајко Николоски“ Прилеп, општината како инвеститор исплатила  (554.846 евра) 34.123 илјади денари и мостот е пуштен во употреба без обезбедена комплетната изведбена документација, што претставува ризик за безбедноста на корисниците на сообраќајниците кој ги поврзува мостот.

Графикон 2

 

За изградба на подрачно основно училиште „Рампо Левката“ во м.в. Баба Чаир, општината исплатила средства во вкупен износ од (111.398 евра) 6.851 илјада денари.

По завршување на градбата, општината не го презела ниту го обезбедила новоизградениот училиштен објект, поради што објектот е уништен, руиниран и демолиран, а учениците од одделенска настава од населбите Сточен пазар и Жабени, се без училишна зграда.

За вршење на редовни работни задачи предвидени со Правилникот за систематизација на работните места привремено ангажирани биле 41 лице, за кои исплатени се (236.894 евра) 14.569 илјади денари, а 10 од нив, биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквата состојба укажува на намалена транспарентност при вработувањето, субјективност во изборот на лица, повластена положба во постапката на нивно ангажирање, како и непостојаност на кадарот кој треба да ги извршува редовните работни задачи во општината.

Графикон 3

По склучени договори за услуги за поправки и одржување на јавно осветлување, реконструкција и изградба на улици, патишта, тротоари и пешачки патеки и изградба на детска градинка, исплатени се (834.358 евра) 51.313 илјади денари, за кои на ревизијата не и се презентирани документи за направените расходи (целокупна проектна документација, налози за работа, одобренија за градба).

Изградбата на градинка во населба Точила, се реализира како тригодишна капитална инвестиција и по спроведена јавна набавка на работи, склучен е договор со вкупна вредност од (2.166.943 евра) 133.267 илјади денари, со рок на изведба не подолг од 7 месеци од воведување во работа на инвеститорот.

По започнување на изведбата, изведувачот го известува инвеститорот за утврдени неусогласености на предвидените позиции во проектот со предмер пресметката  со која се испуштени неопходни елементи за подна плоча прикажани во фазата архитектура и градежно конструктивен проект. Завршната ситуација не е одобрена од општина како инвеститор, од причина што вредноста на договорот е надмината за 9.570 илјади денари, за која не е склучен анекс на договорот. Несоодветно изработената предмер пресметка и неусогласеноста со проектната документација влијае на реализација на градбата и доведува до зголемени трошоци и неизвесност за завршување на започнатата инвестиција.

За утврдените состојби ревизијата даде препораки за надминување на утврдените состојби.

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected]  
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]