dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР домаќин на завршниот состанок на кооперативната ревизија

26.09.2023

Државниот завод за ревизија по повод претставувањето на резултатите од првата кооперативна ревизија на успешност на TFMA, на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги за граѓаните за време на пандемија“, организира завршен состанок со земјите учеснички и членки на TFMA.

Државниот завод за ревизија, на предлог на Секретаријатот на Оперативната група на EUROSAI за ревизија на општините (TFMA)  го прифати предизвикот и за прв пат ја презема улогата на координатор на оваа кооперативна ревизија.

Завршниот состанок го отвори Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, заблагодарувајќи им се на присутните на EUROSAI TFMA и на сите врховни ревизорски институции за нивната активна соработка и одлично завршената работа во оваа кооперативна ревизија.

 “Учеството во кооперативни ревизии со други врховни ревизорски институции од ЕУ и пошироко останува и натаму еден од приоритетите на Државниот завод за ревизија, како начин за постојано професионално зајакнување на ревизорските вештини и подобрување на квалитетот на ревизиите“ – истакна во воведниот говор, Главниот државен ревизор.

Воведно обраќање имаше и Главниот државен ревизор на Националната канцеларија за ревизија на Литванија, воедно и Претседател на Оперативната група за ревизија на општините, г. Миндоугас  Макијшоскас, кој истакна  дека ваквата успешна соработка помеѓу врховните ревизорски институции се одличен пример за размена на знаења, искуства и добри практики, а воедно и одлична мотивација за идни слични иницијативи.

На присутните, исто така им се обрати и министерот за локална самоуправа, г. Ристо Пенов, потенцирајќи ја улогата и придобивките кои ја имаат општините од работата на Државниот завод за ревизија, со утврдување и согледување на состојбите во општините и дадените препораки, кои се вистински придонес кон градење на професионални и квалитетни административни капацитети на општините.

Заедничкиот извештај на првата кооперативна TFMA ревизија на успешност „Сопствени приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемија“ е резултат на меѓународната соработка и активностите на EUROSAI TFMA со седум земји-членки – врховните ревизорски институции на Албанија, Црна Гора, Полска, Романија, Словачка, Турција и Република Северна Македонија како координатор.

Целта на коoперативната ревизија беше Врховните ревизорски институции да извршат оценка на влијанието на пандемијата со вирусот Ковид 19 на локално ниво, давајќи одговор на прашањето „Дали сопствените приходи на општините се доволни да обезбедат квалитетни услуги на граѓаните во услови на пандемија“?

Ревизијата беше насочена кон повеќе ризици кај областите кои се однесуваат на:

- структурната и функционалната поставеност на системот за управување со кризата предизвикана од КОВИД-19;
-  финансирањето на општините во услови на пандемија;
- општинските услуги кон граѓаните и
- плановите на локално ниво за пост-кризно оправување.

Заедничкиот извештај e сеопфатен приказ на седумте национални ревизии, со споредбени анализи на податоците и констатираните состојби од извршените ревизии на секоја Врховна ревизорска институција по предметната област, односно со кои механизми и мерки општините во другите земји се справуваат со последиците од пандемијата, притоа споделувајќи ги добрите практики и искуства.

На состанокот секоја од земјите учеснички на кооперативната ревизија, ги презентираа состојбите содржани во националните ревизорски извештаи.

Исто така, на состанокот свои излагања имаа проф. д-р Борче Треновски, вонреден професор на Економскиот факултет Св. Кирил и Методиј“ Скопје, на тема Наплата на сопствени приходи – основа за силни и одржливи локални самоуправи, како и       д-р Александар Наумоски, вонреден професор и Раководител на Катедрата за корпоративно финансиско управување, Економски факултет Св. Кирил и Методиј“ Скопје, на тема Следење на јавните климатски финансии и климатско буџетско означување.

Линк од Заедничкиот извештај на првата кооперативна TFMA ревизија на успешност „Сопствени приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемија:
https://dzr.mk/sites/default/files/2023-09/Joint%20Report_Coop%20TFMA.pdf