dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Работилница за родова ревизија и зајакнување на партнерството

18.09.2023

Со цел продлабочување на досегашната соработка и зајакнување на заедничките напори за промовирање на родово одговорни политики и родова ревизија, во рамките на организираната работилница од Центарот за извонредност во финансии (ЦЕФ), Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски оствари средба со директорката, г-ѓа Јана Репаншек.

На средбата, Главниот државен ревизор, г. Ацевски и директорката на ЦЕФ, г-ѓа Рапаншек, уште еднаш го истакнаа задоволството од соработката помеѓу двете институции, нагласувајќи дека градењето и развојот на професионалните капацитетите е континуиран процес на учење кој бара постојана поттикнување на соработка, поддршка, можности и споделување на знаењето.

“Упорноста, посветеноста, визијата за иновации и способноста на институцијата да научи и да го применува тоа учење во нејзиното делување е предност на самата институција и на нејзините вработени“, истакна Главниот државен ревизор, г. Ацевски.

Во фокусот на работилницата беше промовирањето и зајакнувањето на заедничкото делување и соработување на сите инволвирани институции во изнаоѓање на поддршка и начини за промовирање на родова ревизија и вклучување на родовите аспекти во главните политики.

Свои излагања на работилницата имаа претставници на Државниот завод за ревизија кои презентираа за достигнувањата на ДЗР во спроведувањето на родовата ревизија, методолошките акти за родова ревизија, графички дизајн/презентација на резултатите од ревизиите, користење на иновативни алатки во ревизиите, како и претставниците на UN Women во однос на родово одговорно креирање политики и буџетирање и важноста на ревизијата во спроведувањето на SDG5 и претставниците на СЕП за вклучување на родовата перспектива кон европската интеграција.

Исто така ЦЕФ ја сподели својата методологија за организациите кои учат, но со свои излагања учествуваа и претставници од релевантни институции во Република Словенија, на теми поврзани со вклучување на родовата перспектива во Словенија, собирање и презентирање на родови податоци, вклучување на родовата перспектива во меѓународната развојна соработка, итн.

Во рамки на оваа посета, Главниот државен ревизор заедно со соработниците оствари билатерална средба со Претседателката на Судот за ревизија на Словенија, г-ѓа Јана Ахчин.

Државниот завод за ревизија и Судот за ревизија на Република Словенија, потпишаа Меморандум за соработка чија цел е зајакнување на професионалните капацитети и промовирање на отчетна и ефективна надворешна ревизија.

Во ова прилика, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателката на Судот за ревизија, г-ѓа Јана Ахчин, изразувајќи благодарност за подготвеноста на двете институции за зајакнување на меѓусебната соработка следејќи ги принципите на еднаквост и партнерство меѓу врховните ревизорски институции, ја истакнаа отвореноста и подготвеноста на двете институции како сериозни и кредибилни институции во реализирање на заедничките активности официјализирани во меморандумот.

Во фокусот на склучениот Меморандум за соработка е унапредувањето на професионалниот развој и ревизорските вештини на вработените на двете институции, преку размена на искуства и практики, одразувајќи ја комплементарноста на нивните мандати, активности и програми.

Двете страни се согласија за одржување на отворена и ефективна комуникација за сите прашања во врска со идните заеднички активности.

Во маргините на оваа официјална посета, Главниот државен ревизор оствари средба и со Амбасадорот на нашата држава во Република Словенија, г. Горан Милевски.

Работилницата беше организирана во рамките на Проектот „Советодавни услуги за вклучување на родовата перспектива на администрацијата во Северна Македонија на централно ниво - Фонд за родова еднаквост (GEF) во Северна Македонија“, финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), а имплементиран од Телото на Обединетите нациите за родова еднаквост и зајакнување на жените UN Women Skopje.

Линк до потпишаниот Меморандум за соработка:

https://dzr.mk/sites/default/files/2023-09/Memorandum_sorabotka_DZR_Sud_revizija_Slovenija-1-3.pdf