dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Загуба на вода за пиење од 59% и отежнато наплаќање на услугите

14.09.2023

 

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

- Соопштение за медиуми-

Скопје, 14.09.2023 година

 

Загуба на вода за пиење од 59% и отежната наплата на извршените услуги

Количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурирана вода се движи околу 59%, а воедно ЈКП Водовод Битола нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 74% од корисниците на услугите, што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги

 

Државниот завод за ревизија, изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈКП Водовод Битола, за 2022 година.

Со извршената ревизија констатирани се состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и за усогласеноста со законската регулатива.

Констатирано е дека од страна на јавното претпријатие не се преземат доволно  мерки и активности за анализа на состојбата, донесување и реализација на планови за минимизирање и отстранување на причините кои придонесуваат за загуба на водата во водоснабдителниот систем и реализирање на мерки за активна контрола на загубите на вода.

Графикон 1


Во 2022 година производството на вода изнесува 14.581.566 m3 и во однос на 2021 година бележи зголемување за 0.80% (14.465.172 m3), додека приходуваната/фактурирана вода во 2022 година изнесува 5.984.569m3 што претставува намалување од 1% во однос на 2021 година (6.052.710 m3).

Ревизорите при увид во состојбите на утврдување на приходите и наплата на побарувањата од снабдување и испорака на вода утврдиле дека во период од 2018 до 2022 година, количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода, односно процентот на нефактурирана вода бележи циклично намалување и зголемување, но сепак се движи околу 59%.

 

Графикон 2


Движење на произведена, приходувана и неприходувана  вода во периодот од 2018 до 2022 година

Јавното претпријатие освен следењето на загубите на вода, нема усвоено плански документи и јасно утврдени мерки кои ќе придонесат за намалување на загубите на вода, а тоа влијае на помалку остварени приходи на јавното претпријатие, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за користење на вода кои претставуваат приходи на Буџетот на Република Северна Македонија.

Меѓу другото со извршената ревизија е констатирано дека, од вкупно 41.812 корисници на вода, до денот на известување за ревизијата, ЈКП Водовод Битола нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 74% од корисниците на услугите (30.838 корисници), што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите.

Во финансиските извештаи на ЈКП Водовод Битола, искажани се приходи од продажба на добра (производи) и услуги во земјата во вкупен износ од 222 милиони денари, од кои ревизијата не беше во можност да ја потврди веродостојноста, точноста и целосноста на искажаните приходи, како и побарувања по основ на снабдување со вода за пиење и услуги за сервисирање и приклучување на водоводна мрежа во вкупен износ од околу 221 милиони денари, (приближно 3,6 милиони евра).

Дел од приходите се остваруваат по цени кои не се одобрени од надлежните органи, недостасува соодветна поткрепувачка документација за потврдување на основот, реалноста и објективноста на приходите, не се пресметува камати за задоцнето плаќање на фактурите, одобрени се попусти без согласност од основачот и УО и отсуствуваат контролни активности во процесот, што влијае на точноста и целосноста на остварените приходи.

За дел од изведените градежни работи и изготвените интерни времени ситуации на ревизијата не и беше доставена поткрепувачка документација (градежна книга, градежни дневници) врз основа на која може да се потврди периодот, видот и количина на изведените работи, а не беа доставени ниту одобрени проекти за реконструкција, одобренија за градење и одобренија за употреба издадени од надлежен орган, согласно Законот за градење, за изградба и реконструкција на водоводна мрежа и инсталација кои во свое име и за своја сметка ги изведува јавното претпријатие, а за кои искажани се приходи од употреба на сопствени добра и услуги и зголемување на вредноста на градежните објекти во вкупен износ од приближно 107 илјади евра.  

Со ревизијата утврдени се неправилности во начинот на управување и евидентирање на залихите, поради отсуство на акт со кој се уредува начинот на набавки, прием и издавање на суровини, материјали, резервни делови и ситен инвентар, несоодветно планирање на фактичката потреба од залихи, а со тоа и непотребно ангажирање на средства во набавка на прекумерни залихи кои може да застарат или да изгубат од својот квалитет.

Имено, од вкупните залихи на суровини и материјали кои изнесуваат околу 1,3 милиони евра, околу 346 илјади евра или 27% се набавени пред 2018 година и истите до денот на вршење на ревизијата немаат промени во нивната состојба, поради што постои можност повеќе да немаат употребна вредност, односно да се технолошко застарени. Најголем дел од вредноста на наведената залиха отпаѓа на  залихата  на водомери во износ од околу 187 илјади евра.

За одредени суровини и материјали, во континуитет се врши набавка, иако почнувајќи од 2018 година, секоја наредна година, до денот на ревизијата истите не се издаваат. Таков случај се и набавките на водомери, поради што оваа залиха на крајот на 2022 година изнесува приближно 434 илјади евра, односно истата е зголемена за околу 132%. Во 2022 година, 55% од вкупните залихи во износ од 695 илјади евра немаат промени.

Ревизорите констатирале нерегулирани права на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности за дел од земјиштето и од градежните објекти, а кои имаат влијание на параметрите при формирањето на цената на тарифите за водните услуги, која се формира согласно Методологијата за определување на тарифите за водна услуга, одобрена од страна на РКЕ, а врз основа на официјални податоци од сметководствена евиденција на јавното претпријатие.

Констатирано е евидентирано земјиште со вредност од околу 1,4 милиони евра, состојба која потекнува од минати години, без поткрепувачка документација и целосно обезбедени имотни листови.

Градежните објекти кои се проценети на износ од околу 4,2 милиони евра, од кои приближно 2 милиони евра или 47% претставуваат инфраструктурни објекти (водоводната мрежа), не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, додека кај останатите градежни објекти со вредност од околу 2.2 милиони евра  утврдено е дека, за 46% од нив или околу 1 милион евра, ЈКП Водовод Битола не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост.

Jавното претпријатие располага со имотен лист за градежен објект стан – викенд куќичка во Претор кој не е евидентиран во материјалната евиденција, а во сметководствената евиденција е евидентиран на останати материјални средства со вредност од 65 денари.

Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки, а воедно и нерационално трошење на јавни средства. Имено, во периодот од 2018 до 2022 година, спроведени се четири поедноставени постапки за јавна набавка на консултантски услуги за одржување и развој на SCADA  систем во износ од околу 79 илјади евра, за кои се исплатени средства во износ од околу 66 илјади евра, (околу 28 илјади евра во 2022 година).

Со извршениот увид во договорите, деловните книги и финансиската документација, утврдено е дека со овие постапки не е извршена предметната набавка - консултантски услуги за одржување и развој на SCADA системот, туку се работи за набавка на нов SCADA систем. Во сметководствената евиденција набавката е евидентирана како трошоци за услуги за одржување, односно истата не е евидентирана како средство – софтвер. Овој софтвер не е ставен во употреба, не е целосен, не е функционален, а претпријатието нема економска корист и сеуште го користи стариот SCADA систем.

За надминување на горенаведените и констатираните состојби во конечниот ревизорски извештај, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

 

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]