dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР изврши ревизија на Основен буџет на РСМ за 2022 година

21.07.2023

Во однос на 2021 година учеството на буџетскиот дефицит во БДП е намален за 0,3%, што укажува на стабилизација и намалување, сепак неговото учество во БДП за 2022 година е на повисоко ниво во однос на  годините пред здравствено-економската криза

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на Основен буџет на Република Северна Македонија, со која се опфати планирањето, подготовката, донесувањето и извршувањето на Буџетот на РСМ за 2022 година.

Буџетот за 2022 година изнесуваше приближно 182 милијарди денари и во однос на 2021 година е помал за 7%, додека во однос на бараните средства од буџетските корисници е помал за 29%.

Со ребалансот на буџетот од јули 2022 година, како и со две Одлуки за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите од ноември 2022 година, Владата има извршено промени на иницијалните фискални проекции за Буџетот за 2022 година, со што Основниот буџет е зголемен за 8%.

Со ревизијата на Основниот буџет на РСМ за 2022 година, укажано е на потребата од зајакнување на активностите за комплетирање на буџетските барања од буџетските корисници со стратешки планови, заради усогласување со стратешките цели на Владата и унапредување на квалитетот на целокупниот процес на планирање на буџетот на државата.

Во однос на постапката на усогласување на буџетските барања доставени од буџетските корисници до МФ, со ревизијата е утврдено дека не е доставен Извештај за неусогласени буџетски барања до Владата, што влијае на информираноста на Владата за причините за разликите помеѓу бараните и одобрените средства.

Во континуитет се известува дека одобрените буџети на буџетските корисници отстапуваат од планираните максимални износи на расходи, поради што постои ризик донесениот буџет од страна на МФ да не е во сооднос со реалните потреби на буџетските корисници за реализација на поставените цели. Иста е состојбата и за 2022 година, односно износот на одобрени средства во Основен буџет (сметка 637)  е повисок за 21% во однос на максималните износи на одобрени средства.

 

 

слика_1

 

 

Износот на максимално утврдените износи на расходи за 2022 година, бараните, одобрените и реализираните средства на буџетските корисници од основниот буџет

Значително зголемување на одобрени средства за 2022 година има кај Министерството за транспорт и врски, кои во однос на претходната година се зголемени за околу 5 пати, поради воведување на новата владина програма 2М–Инвестиции во патна инфраструктура, за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово - Гостивар - Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа - Струга - Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп - Битола) .

Исто така зголемување е утврдено и кај Владата, при што одобрениот буџет е за 2,5 пати поголем во однос на планираните максимални износи. Ваквата состојба е резултат на проширување на програмата П1-Мерки за справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, во рамките на која опфатени се и мерки за други кризи, кои не биле планирани при подготовката на буџетот, кога максималните износи на расходи биле утврдени на пониско ниво во однос на 2021 година за околу 50%.

Ревизорите укажуваат дека имајќи го предвид обемот на надлежностите, големината на буџетот, организациона структура, кадровската екипираност на Владата, поставеноста на внатрешните контроли, како и обврската за континуиран мониторинг и контрола над законското користење на доделените средства по основ на Владини програми, потребно е да се преиспита ваквиот начин на „буџетирање“ каде со планирањето во најголем дел реализацијата на овие средства се врши преку разделот на Влада и да се алоцираат средствата во буџетите на одделните институции согласно законските надлежности кои ги врши секоја одделно.

Исто така констатирано е дека средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт во износ од околу 2,3 милијарди денари претставуваат 0,3% од БДП и истите се за 63% помали од законски утврдениот лимит, додека за Јавното обвинителство одобрените средства во износ од околу 643 милиони денари претставуваат 0,21% од средствата на Буџетот на РСМ за 2022 година, иако согласно Законот за јавното обвинителство висината на средствата за работа треба да изнесуваат најмалку 0,4% од буџетот на државата, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства.

Планираното зголемување кај приходите е во насока на оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, додека кај планираното зголемување кај расходите во најголем дел е насочено кон реализација на дел од мерките на Владата за надминување на последиците од енергетската криза.

Буџетскиот дефицит на ниво на Централен Буџет изнесува 5,1% од БДП и истиот е 0,8% над проектираниот процент од 4,3%, предвиден во Фискалната стратегија за 2022-2024 (со изгледи до 2026 година).

Во однос на 2021 година учеството на  буџетскиот дефицит во БДП е намален за 0,3%, што укажува на стабилизација и намалување, но сепак неговото учество во БДП за 2022 година е на повисоко ниво во однос на  годините пред здравствено-економската криза и според предвидувањата во фискалната стратегија се очекува истиот преку континуирано намалување во наредните години, во 2026 година да изнесува 2,2% од БДП.

 

 

слика_2

 

 

Трендот на движење на буџетскиот дефицит како процент од БДП во период 2013 – 2022 година

Извршување на Основниот буџет за 2022 година

Вкупните приходи и приливи во 2022 година се остварени за 11% помалку во однос на 2021 година, во износ од околу 202 милијарди денари, што во најголем дел се должи на намалувањето на задолжувањето во странство (62%) и домашното задолжување (37%).

 

Даночните приходи во 2022 година се реализирани за над 13% повеќе во однос на 2021 година и имаат учество од 69% во вкупните приходите на Основен буџет за 2022 година, за разлика од 2021 година кога нивното учество изнесуваше 54%, што укажува на подобрување на структурата на приходите со зголемено учество на даночните приходи.

Кај даночните приходи, чие администрирање и реализација во најголем дел се во надлежност на УЈП и Царинската управа утврдивме тренд на перманентен раст во апсолутен износ во период од 2017 до 2022 година, со исклучок на 2020 година, како последица на пандемијата со која беше погодена економијата во државата.

Најзначајна ставка во вкупните даночни приходи има ДДВ со учество од 47%, остварен во нето износ од околу 65 милијарди денари, што е зголемување од 11% во однос на 2021 година.

 

 

3_

 

 

слика_4

 

 

Во 2022 година наплатен е ДДВ во бруто износ од околу 109,5 милијарди денари, од кој УЈП извршила поврат на даночни обврзници во износ од приближно 45 милијарди денари, што претставува 41% од бруто износот на ДДВ. Притоа, најголеми приходи се остварени од ДДВ наплатен при увоз на добра 71%, додека учеството на ДДВ наплатен од промет во земјата е 29%. Во однос на 2021 година, наплатениот бруто износ на ДДВ е зголемен за 22%, додека износот на поврат на ДДВ е зголемен за 43%.

Една од основните надлежности на УЈП претставува спроведувањето на канцелариски и надворешни контроли, со цел зголемување на наплатените даночни приходи во Буџетот на државата. Со извршените контроли утврдени се неправилности по основ на даноци и други јавни давачки, при што треба да се наплатат приходи  во иден период во износ од околу 1,8 милијарди денари.

Од даноци откриени во постапка на инспекциски надзор, во 2022 година наплатени се вкупно 921 милиони денари, при што 75% се приход на буџетот на државата, а 25% се приход на УЈП. Поради ваквите состојби ревизијата и во минати години укажува на потребата од зголемување на бројот на контроли односно потреба од зголемување на бројот на даночните инспектори и даночните контролори, имајќи предвид дека ефектот од спроведените контроли резултира со зголемени приходи во Буџетот.

 

 

слика_5

 

 

Давачките кои ги администрира Царинската управа се: царина, ДДВ од увоз, акцизи и надоместоци. Најголемо учество во даночните приходи имаат акцизите и данокот на моторни возила кои во 2022 година во Основен буџет се наплатени во вкупен износ од околу 25,5 милијарди денари.

Вкупните приливи од нето задолжување во земјата и од задолжување во странство во 2022 година опфаќаат 18% во вкупните приходи на Основниот буџет за 2022 година.

По основ на задолжување во земјата во 2022 година евидентирани се приливи во износ од 14,6 милијарди денари, што е 37% помалку во однос на 2021 година и  се должи на помалку остварени приливи од издадени државни обврзници во 2022 година. Овие приливи опфаќаат 40% од вкупните приливи по основ за задолжување на државата, што укажува на нивно зголемено учество во структурата на задолжувањето во однос на 2021 година кога истото изнесуваше 29%.

Вкупните приливи по основ на задолжување во странство се остварени во износ од околу 22 милијарди денари што е за 62% намалување во однос на 2021 година, кога беше остварен и прилив од издадена еврообврзница на државата на меѓународниот пазар на капитал.

 

 

слика_6

 

 

Остварените приходи од задолжување во странство во период од 2018 до 2022 година (во 000 денари)

Вкупните расходи и одливи на Основен буџет за 2022 изнесуваат 192 милијарди денари и се за 9,11% помали во однос на 2021 година.

Во 2022  година се забележува зголемување на сите расходи во однос на претходната година, а најмногу во делот на капиталните расходи кои во однос на 2021 година се зголемени за 33% и резерви и недефинирани расходи кои се зголемени за 57% во однос на 2021 година. Најголемо намалување од 73% е забележано кај расходите за отплата на главнина, поради тоа што во претходната година извршена е целосна отплата на 3-та Еврообврзница издадена во 2014 година, која доспеа во 2021 година.

 

 

слика_7

 

 

Учеството на одделните видови на расходи и други одливи во однос на вкупно извршените расходи и одливи во Основен буџет за 2022 година

Дефицитот на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензии во 2022 година изнесува 22% од вкупните извори на средства за исплата на пензии, за кој трансферирани се средства во износ од околу  15 милијарди денари и истиот е намален за 7% во однос на 2021 година. И покрај ваквото намалување, структурата на средства за пензии во 2022 година укажува на потреба од финансиска поддршка на Фондот за ПИОСМ за исплата на пензиите во државата со средства од Буџетот.

Од Основен буџет во 2022 година преку надлежните министерства, како тековни трансфери до ЕЛС реализирани се дотации во вкупен износ од 23,3 милијарди денари, што претставува 12% од вкупните расходи на Основниот буџет за 2022 година, кои во однос на 2021 година се зголемени за 10%. Најголемо учество во трансферите имаат блок дотациите од 86%, дотациите од ДДВ учествуваат со 12%, додека учеството на наменските дотации е 2%,

Расходите за субвенции и трансфери во 2022 година учествуваат со 15,9% во основниот буџет и реализирани се во вкупен износ од 30,5 милијарди денари и во однос на 2021 година се зголемени за 8%. Најголемо учество од 89% имаат расходите за разни трансфери, од кои најголем дел (31%) се однесуваат на расходи од програмата П1- Мерки за справување со Ковид-19 кризата.

Капитални расходи во Основниот буџет за 2022 година се реализирани во износ од 22,3 милијарди денари, што претставува 11,64% од вкупните расходи на Основен буџет. Кај капиталните расходи за период од 2018 до 2022 година, утврдивме дека има значителен тренд на зголемување од година во година, прикажан на следниот графикон:

 

 

слика_8

 

 

Од извршената анализа на структурата на капиталните расходи констатиравме дека најголемо зголемување има кај Вложувањата и нефинансиските средства со над 47%, кои  во најголем дел се реализираат преку разделот на Владата, потпрограма П1. Процентуалното учество на одделните видови капитални расходи е прикажана во графиконот подолу.

 

 

слика_9

 

 

Над 69% од исплатените средства кај Вложувањата и нефинансиските средства се по основ на Одлуки од Владата, во најголем дел се за АД Електрани на Северна Македонија за справување со кризната состојба во снабдувањето со електрична енергија 6,4 милијарди денари, дел се за АД Водостопанство за сервисирање на обврските за електрична енергија, како и дел за неповратна финансиска помош за справување со влошената финансиска состојба на АД за поштенски сообраќај “Пошта на Северна Македонија”.

Основот за доделување на средствата од програмата П1 кај дел од одлуките не соодветствува со основната цел на дадената финансиска поддршка за помош поради енергетската криза односно 41% од средствата во вкупен износ од 7 милијарди денари  се исплатени како капитални расходи, иако истите претставуваат трошоци за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија, набавка на основни ресурси за производство на електрична енергија за регулирање на заостанати долгови, плаќања на кредити, за исплати на плати и други трошоци.

Поради ваквите состојби ревизијата укажува дека капиталните расходи се расходи наменети за зголемување на постојаните средства, трајните добра како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, опрема во здравството, хардвер, софтвер, со кои се создаваат подобри услови за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата, поради што потребно е основот за доделување на средствата од програмите на Влада да кореспондира со наведените намени.

Јавниот долг на 31.12.2022 година изнесува 7.702,9 милиони евра додека на 31.12.2021 година е во износ од 7.135,3 милиони евра, што укажува на зголемување во апсолутен износ од 567,6 милиони евра односно од 8%. И покрај зголемувањето на јавниот долг како апсолутен износ, состојбата на јавниот долг во однос на БДП на 31.12.2022 година изнесува 57,1% и е за 3,9% помал во однос на 2021 година, во услови кога БДП во 2022 година е за 10% поголем во однос на претходната година.

Состојбата на државниот долг на 31.12.2022 година изнесува 6.581 милиони евра и наспроти состојбата на државниот долг минатата година која беше во износ од 6.080 милиони евра зголемена е во износ од 501 милиони евра. Констатирано е дека состојбата на државниот долг на 31.12.2022 година изнесува 48,7% од БДП, додека во 2021 година кога изнесуваше 52% од БДП.

 

 

слика_10

 

 


Трендот на учеството на државниот и јавниот долг во БДП за период 2013-2021 година  (во милиони денари)

Во 2022 година од вкупно 1.382 субјекти, во ЕСПЕО податоци имаат доставено 1.205 субјекти и тоа доспеани а неплатени обврски во вкупен износ од околу 26 милијарди денари (25.829.001 илјади денари), што е за 6,9% повеќе во однос на 2021 година. Најголемо учество во вкупните обврски имаат јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост со над 37%, јавните здравствени установи општините со 20% како и општинските јавни претпријатија со 18%.

 

 

слика_11

 

 

Податоците за неподмирени, а доспеани обврски на субјектите се прикажуваат во Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија, во Извештајот за пријавени обврски.

Во однос на финансиската нестабилност на ЕЛС, со ревизијата се утврди дека во декември 2022 година, од вкупно 81 општина, 14 општините се со блокирана сметка.

Вкупниот износ на доставени налози за извршување во МФ изнесува 1,5 милијарди денари што претставува 37% од вкупно пријавените обврски на општините, од кој во 2022 година платени се само средства во износ од околу 186 милиони денари.

 

Од преостанатиот износ за извршување 1,3 милијарди денари, 77% се по основ на главнина, 18% се по основ на камата и 5% се за останати трошоци, што укажува на висок процент на задолженост на општините во услови кога реализацијата на приходите бележи тренд на намалување.

До периодот на ревизијата не е прогласена финансиска нестабилност на ниту една општина, поради што општините можат да генерираат нови обврски по разни основи и да започнуваат нови капитални проекти, што пак би влијаело на влошување на нивната ликвидност и на целокупната финансиска состојба во иднина, а со тоа и можност за дополнителна потреба од издвојување на средства од Буџетот како финансиска поддршка на истите и одлив на буџетски средства.

За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на потребните мерки и активности од надлежните лица и институции.

 

 

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири   +389 72228 203 [email protected]
Мијалче Дургутов   +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак   +389 75 268 517 [email protected]