dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Влијанието на енергетската криза во работењето на АД МЕПСО

11.04.2023
Слика
АД МЕПСО

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

 - Соопштение за медиуми-

Скопје, 11.04.2023 година

Влијанието на енергетската криза во работењето на АД МЕПСО

Изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Операторот на електропреносниот систем на Република Северна Македонија, Акционерско друштво за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем, во државна сопственост Скопје, за 2021 година (АД МЕПСО Скопје).

Со извршената ревизија, ревизорите изразија неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Притоа, ревизорите утврдиле дека  дадените препораки на Овластениот државен ревизор во извештајот од спроведената ревизија на регуларност за 2016 година кои се однесуваат на ИТ Стратегијата и на воспоставените ИТ контроли на системите во најголем дел не се спроведени што има и понатаму  влијание и присуство на  високи ризици во ИТ финансиските процеси на работењето на друштвото.

Иако надлежните служби во континуитет преземаат активности, не е извршено целосно  потврдување на состојбата на земјиштето евидентирано во трговските книги при што постојат разлики помеѓу сметководствената состојба, фактичката состојба и имотните листови.

Во сопственост на АД МЕПСО Скопје е електропреносната мрежа што се состои од линиски инфраструктурни објекти (далекуводи), трансформаторски станици (трафостаници), постројки, објекти и средства што се во функција на вршење на пренос на електрична енергија и управување со електропреносниот систем кој функционира на 400kV и 110kV напонско ниво.

Преносната мрежа со која управува и ја одржува друштвото интегрира 109 далекуводи. Дел од нив (30 далекуводи) се запишани во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) и АД МЕПСО Скопје располага со имотен лист со право на сопственост, додека за 79 далекуводи, друштвото не располага со имотни листови, а отпочнати се постапки за утврдување на нивниот правен статус.

Според податоците од Одделот за трансформаторски станици, преносната мрежа според напонското ниво интегрира 5 трансформаторски станици (ТС), од кои 4 се во сопственост на АД МЕПСО Скопје, а останатите се во заедничка сопственост со ЕВН Македонија АД, АД ЕСМ и големите потрошувачи директно приклучени на електропреносната мрежа. Според податоците од Одделот за имотно правни работи, во АКН запишани се 32 трафостаници и за истите се обезбедени имотни листови, од кои 10 со право на сопственост на АД МЕПСО Скопје и 3 со заедничка сопственост на ЕВН Македонија АД и со еден голем потрошувач. За останатите 19 трафостаници право на сопственост има запишано ЕВН Македонија АД, а за 17 трафостаници не се запишани права на сопственост.

Со ревизијата е утврдено дека постои неусогласеност во бројот на далекуводи и трафостаници евидентирани кај надлежните оддели во АД МЕПСО Скопје и со податоците во сметководствената евиденција и тоа:

Трафостаниците кои требало да бидат во заедничка сосопственост на АД МЕПСО Скопје и ЕВН Македонија АД, според издадените имотни листови се впишани во сопственост само на ЕВН Македонија АД. Иако АД МЕПСО Скопје прави напори за нивен упис врз основа на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија, од страна на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Северна Македонија до периодот на извршување на ревизијата не е извршен нивен упис во имотните листови на друштвото.

Дополнително, со извршениот увид во имотните листови, ревизорите утврдиле дека за 2 трафостаници запишано е право на залог (хипотека) за износ на побарување од 77 милиони евра на ЕБОР како носител на право (доверител), при што хипотекарен должник е запишана ЕВН АД Македонија, како носител на право (сопственик). Поради не потврдено правото на сопственост на АД МЕПСО Скопје, одлуките во кои постои ризик за отуѓување на средствата над кои е воспоставена хипотека, се носат без негова согласност.

Оваа состојба има влијание на висината на тарифата за пренос на ЕЕ, која се утврдува со одлука од страна на РКЕ врз основа на сметководствените податоци и финансиски евиденции доставени од страна на АД МЕПСО Скопје.

Во ревизорскиот извештај е нотирано дека 30% од материјални средства во подготовка или 428.352 илјади денари претставуваат инвестирани средства во периодот од 2005 до 2019 година во опрема, консултантски услуги, платени провизии за одобрување на заемите и неповлечени средства за заеми по проекти, за кои поради недостаток на информации не се соодветно поврзани со вложувањата во конкретно средство. Овие материјални средства во подготовка не се ставени во употреба, што влијае на трошоците за амортизација, а со тоа и на остварениот  финансиски резултат.

АД МЕПСО Скопје за финансирање на инвестиционите активности како изградба на трафостаници и далеководи, ревитализација на далеководна мрежа користи средства од повеќе кредитни линии, по основ склучени договори за заеми од меѓународни финансиски институции. Најголем дел од долгорочните заеми се реализирани (повлечени) со над 90%, освен заемот од ЕBRD од 2015 година, кој е наменет за реализација на проектот за  Интерконекција Македонија-Албанија - Фаза 1. Овој заем  е одобрен на вкупен износ од 37 милиони  евра, а заклучно со 31 декември 2021 година повлечени се 2,9 милиони евра, односно само 8%. Со извршената ревизија констатиравме дека во 2021 година по основ на отплата на камати за повлечените долгорочни заеми евидентирани се расходи  во износ од 32.404 илјади денари, а за неповлечените кредитни средства пресметани и евидентирани се провизии во вкупен износ од 12.835 илјади денари.

 Во 2021 година, како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија на европските берзи, недоволното производство на електрична енергија од домашните производители и недозволеното преземање на електричната енергија од електропреносниот систем од страна на Балансно одговорните страни (БОС), придонело побарувањата и приходите на АД МЕПСО Скопје остварени од трговците на електрична енергија (ЕЕ) – Балансно одговорни страни (БОС), по основ на надомест за отстапувањата/дебаланси за преземената ЕЕ од електропреносниот систем во 2021 година да изнесуваат 4.210.704 илјади денари или 68,5 милиони евра, што претставува пет пати поголемо остварување во однос на 2020 година, кога истите изнесувале 841.792 илјади денари или 13,7 милиони евра.  

Имено, во услови на зголемување на цената на ЕЕ, дел од трговците – БОС континуирано ја намалувале набавката на ЕЕ од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на АД МЕПСО Скопје за снабдување на своите потрошувачи. Ова предизвикало драстично зголемување на трошоците на АД МЕПСО Скопје кон европскиот електропреносен систем. Исклучително големи отстапувања/ дебаланси се направени во месец октомври 2021 година, поради што од страна на  АД МЕПСО Скопје фактурирани и наплатени се 77,8 милиони kWh од производителот на ЕЕ - АД ЕСМ Скопје во вкупна  вредност од  25 милиони евра без ДДВ. Ова е резултат на тоа што АД ЕСМ Скопје не успеал да ги реализира планови за производство на ЕЕ, поради што е повлечена ЕЕ од системот на европската мрежа, со што за АД МЕПСО Скопје е создадена обврската кон европскиот електроенергетски преносен систем во иста вредност од 25 милиони евра.

Дополнителна причина која довела до настанатата состојба е воспоставениот начин на информирање за трговците – БОС, кои недозволеното презеле ЕЕ од електропреносниот систем, бидејќи податоците кои се добиваат од МЕМО ДООЕЛ, преку Електродистрибуција ДООЕЛ пристигнуваат по 45 до 60 дена задоцнување, поради што АД МЕПСО Скопје не е во можност да изврши брза интервенција и навремено преземање на мерки кон трговците – БОС.

Имајќи го во предвид целокупното влијание кое го предизвикува недостигот на ЕЕ врз економска состојба во државата, во ноември 2021 година Владата донела Уредба[1] со која е трговците - БОС биле ослободени од обврската за зголемување на банкарските гаранции по основ на склучените договори за балансна одговорност, а АД МЕПСО Скопје потпишал договори за репрограмирање на нивните доспеани, а ненаплатените долгови. Во декември 2022 година, побарувањата по основ  на склучени договори за репрограмирање за повлечена ЕЕ од електропреносниот систем изнесуваат 883.802 илјади денари или над 14 милиони евра, при што во ревизорскиот извештај се укажува дека постои ризик и неизвесност од нивна наплата.

Во 2021 година, за дел од побарувањата по репрограмирани договори од БОС и за казни и штети поради прекин на испорака на договорената електрична енергија во износ од 15 милиони евра, направено е вредносно усогласување. Во текот на 2022 година, наплатен е дел од побарувањата во износ од 1,2 милиони евра.

 АД ЕСМ Скопје е најголем производител на ЕЕ во државата и согласно Законот за енергетика, должен е на Универзалниот снабдувач - ЕВН Хоме ДОО да му понуди на продажба одреден процент ЕЕ. Постапувајќи по Извадоците на Владата, ЕЕ што ја произведува АД ЕСМ Скопје, неколку години наназад, речиси целата произведена количина ја продава на Универзалниот снабдувач по утврдена (намалена) цена, од страна на Владата, која е многу пониска од пазарната и цената на HUPX берзата. Балансниот механизам во АД МЕПСО Скопје е конципиран на тој начин што за повеќе преземената ЕЕ од планираното од ЕПС, трговците на ЕЕ - БОС му плаќаат на АД МЕПСО Скопје, а за непланирано оставената ЕЕ во електропреносниот систем, АД МЕПСО Скопје има обврска да им плати на БОС, по цени на порамнување утврдени согласно    

Методологијата за пресметка на цената за порамнување, пропишани во Правилата за балансирање на Електроенергетскиот систем на која директно влијание има цената на HUPX берзата.

Со ревизијата е утврдено дека во 2021 и 2022 година постојат големи порамнувања на отстапувањата од планираните количини на ЕЕ кај АД МЕПСО Скопје. Овие отстапувања треба да се јавуваат само во исклучителни ситуации и нивната појава создава голема неизвесност во планирањето и остварувањето на приходите и расходите по овој основ и одржување на потребната ликвидност на парични средства, како и одржувањето на балансниот механизам. По тој основ расходите за остварен вишок на ЕЕ од Универзален снабдувач на АД МЕПСО Скопје во 2021 година изнесуваат 158.817 илјади денари без вклучено ДДВ, додека остварените приходи од Универзалниот снабдувач изнесуваат 412.404 илјади денари без ДДВ.

АД МЕПСО Скопје во периодот од 2019 до 2021 година има склучено договор со АД ТЕЦ Неготино кој се однесува за обезбедување на ЕЕ во случај на загрозување на сигурноста во снабдувањето, хаварии или поголеми отстапувања на потрошувачката на ЕЕ од предвидените количини во ЕЕС. Предвидено е АД ТЕЦ Неготино да ја чува расположливата моќност на термоцентралата само за потребите на АД МЕПСО, Скопје, за кој период се исплатени вкупно 531.998 илјади денари со вклучен ДДВ, од кои 219.778 илјади денари се исплатени во 2021 година. Иако финансиски била потпомогната термоцентралата ТЕЦ Неготино, при појавата на енергетската криза во октомври 2021 година, не е извршено нејзино  активирање за производство на ЕЕ.

За балансирање на  електроенергетскиот систем (ЕЕС) , нужен услов е вкупниот влез на ЕЕ во системот да биде еднаков на вкупниот излез. Просечната годишна потрошувачка на ЕЕ во Република Северна Македонија, во последните пет години изнесува околу 7,430 GWh при што најголемо учество во вкупната потрошувачка со над 65% има потрошувачката на домаќинствата и уличното осветлување.

Според прогнозите на АД МЕПСО Скопје во периодот од 2025 до 2030 година адекватноста на системот во поглед на енергија ќе се задоволи со значителен увоз од околу 55% од вкупните потреби на ЕЕ од причини што производството на ЕЕ се очекува да биде на ниско ниво од околу 3.600 GWh поради намалување на работењето на ТЕЦ Битола. Со активирање на централи од обновливи извори на енергија како и гасни електрични централи увозот на ЕЕ би се намалил. Поради порастот на потрошувачката на ЕЕ во Република Северна Македонија, потребни се проекти за големо производство на ЕЕ.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]

[1] Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките што се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности (Службен весник на Република Северна Македонија бр.246/21, 300/21 и 74/22)