dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Политиките за рамномерен регионален развој без очекувани резултати

07.04.2023
Слика
rrr

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА                                                                               

- Соопштение за медиуми-     

Скопје, 07.04.2023 година

Политиките за рамномерен регионален развој не ги даваат очекуваните резултати

И покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години, социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“ согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2022 година, со цел да се даде одговор на прашањето: „Дали системот за управување со политиките за рамномерен регионален развој обезбедува ефективно намалување на диспаритетите во и помеѓу планските региони и нивната соодветна демографска, економска, социјална и просторна кохезија?“

Политиката за поттикнување на рамномерниот регионален развој се спроведува преку плански и програмски документи, со нивно навремено донесување и ажурирање согласно резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година.

Со ревизијата се констатира дека Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија 2021-2031 година е донесена со задоцнување, врз основа на проценка за населението, која отстапува од резултатите од Пописот.

За поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства од најмалку 1% од БДП, кои за финансирање проекти се распределуваат по плански региони, согласно Одлука за класификација на планските региони и степенот на развиеност.

Со ревизијата се забележува тренд на пораст на издвоените средства за оваа намена во последните години, но истите не се во висина на законски утврдените.

Во периодот 2019 - 2021 година, од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани се средства во вкупен износ од околу  9 милијарди денари, што претставува 46% од законски утврдениот минимум, а искористени се 83% односно околу 8 милијарди денари.

 

slika_1

 

Распределбата на средства по региони не е извршена согласно утврдениот степен на развиеност.

Со ревизијата е утврдено недоследна примена на развојниот индекс при распределба на средствата во сите региони. Имено, Скопскиот регион како најразвиен, иако треба да учествува со 7,2%, а Североисточниот како нај неразвиен со 17,3% од вкупните буџетски средства за оваа намена, во Скопскиот регион алоцирани се 26,2%, за разлика од Североисточниот регион кој добил 8,4%.

Исто така, утврдени се слабости и нецелосна функционалност на системот СиРеРа како интегрирана софтверска платформа која дава можност за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој.

И покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години, социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени.

Природниот прираст на населението како значаен индикатор за утврдување на демографскиот индекс, од 2010 година во континуитет бележи намалување, односно од 2,5‰, истиот во 2021 година има негативен предзнак и изнесува -5,4‰. Тренд на намалување на стапката на природен прираст бележат сите региони, а најниска во Источниот и Пелагонискиот регион.

Ваквата состојба се надополнува и со резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, кои покажуваат дека два региона (Вардарски и Југоисточен регион) не го задоволуваат критериумот за минимален број на население според Номенклатурата на територијални единици за статистика (НТЕС 3) од 150.000 жители, а Источниот регион е на граница на утврдениот минимум.

 

slika_2

 

Во последните десет години надворешните миграции во главно имаат негативно салдо, а најмногу регистрирани иселени лица бележат Југозападниот, Вардарскиот и Полошкиот регион.

 

slika_3

 

Трендот на миграции на населението од селата доведува до нивно напуштање. Според резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, во државата има 205 испразнети населени места/села и во однос на 2002 година нивниот број е зголемен за 40% односно уште 58 села останале без ниту еден жител. 

Од вкупниот БДП на Република Северна Македонија, 43% се создава во Скопскиот регион што е за повеќе од 8 пати од БДП во Североисточниот регион кој во вкупниот БДП учествува со само 5% и има највисока стапка на невработеност од 32,4% .

Извршената ревизија и анализираните индикатори на регионите, укажуваат дека реализираните активности и искористените средства за остварување на стратешките цели, не постигнале намалување на диспаритетите помеѓу планските региони во државата.

Константните регионални разлики во социо-економскиот развој укажуваат на неефикасно планирање на активностите за ефективно остварување на политиката за рамномерен регионален развој, за што е потребно ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување за намалување на диспаритетите, зголемена атрактивност на регионите и поквалитетен живот на населението.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]