dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Реализирани 20% од планираните буџетски средства за реформи

17.01.2023
Слика
reformi pravosudstvo

 

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
 - Соопштение за медиуми-

Скопје, 17.01.2023 година

Реформата во правосудството реализирана со 20% од планираните буџетски средства

Во рамки на Буџетот на Република Северна Македонија од планираните средства во вкупен износ од 366 милиони денари за финансирање на 15 мерки, заклучно со 31.12.2021 година, реализирани се околу 74 милиони денари, односно 20%

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефективност на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 - 2022 и спроведување на Акцискиот план на Стратегијата", согласно Годишната програма на ДЗР за 2022 година.

Целта на извршената ревизија беше да се даде одговор: Дали мерките и активностите дефинирани во Акцискиот план придонесуваат за  остварување на целите од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017 – 2022 година?

Стратегијата за реформи во правосудниот сектор 2017-2022 година е основ за продолжување на реформите во секторот Правда на Република Северна Македонија во насока на исполнување на дадените препораки во Извештаите за напредокот на земјата од Европската Комисија, поглавје 23 - Правосудство и фундаментално права на патот на евроинтегративниот процес.

Со ревизијата е констатирано дека од 130-те мерки содржани во Стратегијата и Акцискиот план, само 52% се целосно реализирани, 34% се делумно и 14% се нереализирани.

Ваквата состојба се должи на несоодветно дефинирање на мерките за остварување на целите, отсуство на јасни и мерливи индикатори, нереални рокови, проценети извори на финансиски средства, недоволна координација на институции/надлежни тела носители на мерки и активности.

Со изготвување и усвојување на Стратегијата со Акцискиот план за периодот 2017-2022 година, предвидени се фискални импликации од Буџетот на РСМ за периодот 2018-2021 година, како и планирани средства од ИПА и друга странска помош.

Од извршената ревизија и анализа на податоци од МП, МФ-ЦФЦД и СБС, во рамки на Буџетот на Република Северна Македонија од планираните средства во вкупен износ од 366 милиони денари за финансирање на 15 мерки, заклучно со 31.12.2021 година, вкупно се реализирани околу 74 милиони денари, односно 20%.

График 1


Нискиот  степен на реализација на планираните средства се должи на нереализирање на предвидените средства за мерката 2.2.8-2 - Изградба на нови просторни услови, што претставува 40% од предвидените средства, како и неискористеност во целост на средствата предвидени со мерката 4.1.3.5-1 - Јавно обвинителство на РМ за просторно уредување и одвоеност на ЈО од судовите, каде се планирани повеќе средства од потребните за 15 %.

График 2


Во однос на следење и известување за спроведување на активностите за исполнување на целите од Стратегијата, ревизорите констатираа пропусти во функционирањето на надлежното тело Совет за следење на имплементација на Стратегијата, како и во нејзиното работење без утврдена Методологија за следење и евалуација на резултатите од спроведените мерки и активности, со цел оценување мерење на степенот на остварените и постигнатите цели.

Со спроведената ревизија се стекна разумно уверување дека мерките и активностите дефинирани во Акцискиот план делумно придонесуваат за остварување на целите од Стратегијата за реформи во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година.

Прес  контакт:
Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203
[email protected]
Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 
Мартин Дувњак    +389 75 268 517
[email protected]