dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

3% од институциите поврзани на платформата за интероперабилност

12.07.2022
Слика
На платформата за интероперабилност се поврзани само околу 3 % од институциите од јавниот сектор

  ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈA
- Соопштение за медиуми -

Скопје, 12.07.2022 година

 

На платформата за интероперабилност се поврзани само околу 3 % од институциите од јавниот сектор

 

Органите на државната управа не се усогласени со обврските за дигитализација на постапките, мала е заинтересираноста за приклучување на платформата, а постои и константен недостаток на вработени ИТ лица како и отсуство на тело за координација и следење на развојот

 

Државниот завод за ревизија изврши ИТ ревизија како ревизија на успешност на тема „Функционалност на платформата за интероперабилност помеѓу институциите од јавниот сектор“ , согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2021 година.

Целта на извршената ревизија е да даде оценка на функционирањето на платформата за меѓусебно поврзување и користење на информации и податоци помеѓу институциите од јавниот сектор во насока на ефикасно користење на платформата.

Платформата за интероперабилност е значаен фактор во процесот на дигитализација. Со ревизијата стекнавме разумно ревизорско уверување дека донесена е соодветна законска и подзаконска регулатива за електронски документи и електронско управување, но констатиравме отсуство  на правно регулирани стандарди за ИТ безбедност кои треба да бидат имплементирани од институциите во РСМ. Воедно не е формирано координативно меѓу ресорско тело за следење на развојот на платформата.

Недостасуваат одобрени развојни документи, стратегии, акциски планови, управување со ИТ ризици, заради усогласеност во развојот на нови и надградби на постојните информациски системи кои се користат во институциите. Националната ИКТ стратегија 2021 – 2025 сеуште не е одобрена, не се утврдени ризици од нефункционалност на платформата и акциски планови за надминување на ризиците.

Во ревидираниот период 2019 - 2021 не се констатирани пријавени состојби за прекин на достапноста на платформата, но 338 денови во ревидираниот период или 37% е без склучен договор за одржување на платформата за интероперабилност.

Во континуитет работните места за ИТ се пополнети со 50%, од систематизираните, во услови на континуиран одлив на обучен и искусен ИТ кадар. Како резултат на состојбите со ИТ кадар отсуствува и сертификација за безбедност на информациските системи кои се или ќе се приклучат на платформата за интероперабилност.

МИОА не врши проверка на безбедноста и интероперабилноста на информациските системи кои ги користат органите преку единствената околина.

Иако воспоставената платформата за интероперабилност е оперативна, истата ја користат мал дел институции, нема приклучување на нови корисници, а размената на податоци помеѓу институциите и реализираниот сообраќај на платформата бележи благо опаѓање. Средната вредност за процесорското оптоварување на централната точка на платформата е  6%.

Поради овие состојби, единечната цена на чинење за пренос на една порака наместо да се намалува, истата низ годините се зголемува.

ИТ ревизијата на успешност го опфати периодот 01.01.2019 – 31.12.2021 година, како и одредени области, прашања и настани пред и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

 

Прес  контакт:

Албиона  Мустафа Мухаџири  +389 72228 203 [email protected]

Мијалче  Дургутов  +389 70 358 486 [email protected] 

Мартин Дувњак    +389 75 268 517 [email protected]