dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Одржан вториот работен состанок за кооперативната ревизија

10.05.2022
Слика
Онлајн работна средба за кооперативната ревизија

Државниот завод за ревизија, успешно го организираше и вториот онлајн работен состанок, како координатор на кооперативната ревизија на успешност на тема „Сопствените приходи на општините за обезбедување квалитетни услуги на граѓаните за време на пандемијата“ која се спроведува помеѓу земјите-членки на Работната група за ревизија на единиците на локалната самоуправа на Европската организација на врховни ревизорски институции – TFMA/EUROSAI.

Фокус на овој работен состанок, на кој учествуваа претставници на ДЗР и на врховните ревизорски институции на Албанија, Црна Гора, Полска, Романија, Турција и Словачка, беше презентирањето на резултатите од фазата на планирање, како и дискусија за текот на ревизорскиот процес, заедничката рамка за ревизија и преземањето на следните чекори.

Свое излагање на оваа работилница имаше и професорот Борче Треновски, експерт од областа на економијата и економската политика, кој даде осврт на состојбите и предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа во справувањето со последиците предизвикани од пандемијата со корона вирусот КОВИД 19.

Ревизорските тимови кои ја спроведуваат ревизијата, ги истакнаa резултатите од спроведеното прелиминарно истражување, притоа посочувајќи дека со ревизијата се очекува да биде даден одговор на следните прашања:

  • Дали институционалната и функционалната поставеност на CMS (систем за управување со кризи) им дозволува на општините да преземат брза и соодветна акција за време на пандемија?
  • Дали општините преземаа соодветни активности за да обезбедат финансиска стабилност и одржливост за време на пандемија?
  • Дали мерките што ги преземаат општините за време на пандемијата обезбедија навремена и квалитетна испорака на услугите до граѓаните?
  • Дали мерките што ги преземаат локалните власти за пост-кризно закрепнување влијаат врз подобрувањето на нивниот социо-економски развој?

Заклучоците на овој работен состанок беа во насока на спроведување на следните фази на ревизорскиот процес, односно фазите на извршување и известување, утврдување на заедничката рамка за ревизија и индикатори, како и утврдување на временска рамка за изготвување на заедничкиот ревизорски извештај.