dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Поддршка за развој на знаењата и вештините на вработените во ДЗР

30.03.2022
Слика
Работилница организирана од ЦИПФА

Со цел остварување на мисијата за градење и зајакнување на управувањето со јавните финансии, на 29 март 2022 година, во просториите на Државниот завод за ревизија, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски оствари средба со претставници на Овластениот институт за јавни финансии и сметководство (CIPFA) г. Стив Воткинс, постар меѓународен лидер – развој на пазарот, г. Томазо Скали, виш меѓународен лидер – клучни сметки, г-ѓа Хеге Ларсен, технички менаџер и претставник од Центар за извонредност во финансии (CEF) г-ѓа Јасмина Поповиќ, програмски директор.

Целта на оваа средба беше да се дефинираат активности за зајакнување на капацитетите и професионалните вештини на вработените од Државниот завод за ревизија во повеќе области особено во делот на превенција и борба против корупцијата, преку преземање на конкретни чекори за развивање на континуирана и успешна идна соработка.

На средбата, се разменија предлози и идеи во насока на продлабочување на вештините и знаењата на државните ревизори, потребни за да се создаде ефикасна рамка за управување со ризикот од корупција.

На крајот од средбата двете делегации заклучија дека оваа соработка дополнително ќе се продлабочува преку размена на искуства и знаења меѓу институциите, меѓу другото и во делот на обучување и сертифицирање на државните ревизори за превенција на ризикот од корупција.

Во насока на зголемување на знаењата, вештините и капацитетите на државните ревизори, на оваа средба и претходеше работилница одржана од г-ѓа Хеге Ларсен, технички менаџер од ЦИПФА, на тема “Вообичаените предизвици при имплементација на ИНТОСАИ стандардите“.

На работилницата се дискутираа и се разменуваа искуства и знаења при спроведување на ревизијата на успешност, примената на ИНТОСАИ стандардите и можни решенија за предизвиците со кои се соочуваат ревизорите во текот на вршење на ревизијата на успешност.