dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Презентиран и усвоен Годишниот извештај за 2020 година во Собрание

27.12.2021
Слика
Презентиран и усвоен Годишниот извештај за 2020 година во Собрание

На ден 21.12.2021 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски го презентираше Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2020 година пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

Во Годишниот извештај како што истакна во своето обраќање Главниот државен ревизор, се содржани податоци и информации за 82 ревизорски извештаи издадени во 2020 година преку кои ДЗР доставува објективни информации за работата на сите ревидирани субјекти. Во ревизорските извештаи освен за состојбите констатирани кај субјектите предмет на ревизија, укажуваме и на системски слабости во одредени области преку кои се дава придонес за зајакнување на правниот систем.

Во однос на показателите за работењето на Државниот завод за ревизија, со ревизиите во 2020 година е зголемен опфатот на ревидираните расходи во однос на вкупните буџетски средства, а значително е подобрено и спроведувањето на дадените ревизорски препораки што укажува на фактот дека придонесот на ДЗР кон зајакнувањето на институциите е се позначаен во нашето општество.

Притоа, Главниот државен ревизор истакна дека Државниот завод за ревизија во наредниот период ќе продолжи со заложбите кон обезбедување на уставна и целосна финансиска и оперативна независност и ќе го продолжи процесот на одржување на довербата, препознатливоста на работата на ДЗР и заштита на средствата на даночните обврзници.

Собранието на Република Северна Македонија, на 54та седница на РСМ го разгледа и усвои Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на  Државниот завод за ревизија за 2020 година и по истиот усвои Заклучоци кои заедно со Извештајот на комисијата за финансирање и буџет ги достави до Владата на РСМ, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.