dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Државен завод за ревизија - 22 години работа, предизвици и успеси!

17.12.2021
Слика
Државен завод за ревизија - 22 години работа, предизвици и успеси!

Пред 24 години, во 1997 година, беше донесен првиот Закон за државна ревизија со кој беше дефиниран делокругот, условите и начинот за вршење на државната ревизија. Државниот завод за ревизија во 1999 година го започна своето патување, докажувајќи ја неопходноста од негово формирање како важна институција за надзор на јавните средства и заштита на интересите на граѓаните. Патот на Државниот завод за ревизија низ сите овие години се карактеризираше со многу труд и посветеност, додека успесите се очигледни 22 години подоцна.

Пред две децении, Државниот завод за ревизија ја започна својата работа како јавна институција, со мал број вработени и спроведе десетици ревизии, главно ревизии на регуларност (финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеност). Оваа институција професионално израсна и денес има 112 вработени и врши повеќе од 70 ревизии годишно, вклучувајќи и ревизии на успешност, ИТ ревизии и ревизии за следење на дадените препораки.

Благодарение на професионализмот, интегритетот и непристрасноста, ДЗР денес ужива висок кредибилитет како една од најпрепознатливите институции во Република Северна Македонија. Државниот завод за ревизија има постигнато задоволителни резултати и на меѓународно ниво. Несомнено е активното учество на ДЗР на конгреси и конференции на INTOSAI и EUROSAI, во многу меѓународни оперативни групи, како и објавувањето на текстови за актуелни теми и иновативни пристапи во ревизијата во билтени и стручни списанија.

Како и досега, Државниот завод за ревизија ќе остане врховна независна институција од јавниот сектор, подобрувајќи го квалитетот на својата работа и обезбедувајќи за Собранието и јавноста квалитетни, веродостојни и релевантни извештаи. Имајќи ја во предвид големата одговорност  за обезбедување највисоко ниво на квалитет на ревизорските извештаи, главна задача на ДЗР продолжува да биде осигурување видливост  на утврдените состојби во ревизорските извештаи за пошироката јавност, како и позитивни ефекти на дадените препораки врз работењето на субјектите во јавниот сектор, со цел подобрување на животот на македонските граѓани.

Посветено работиме во насока на зголемување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста во користењето на јавните средства, со цел медиумите и граѓаните да бидат наши сојузници во остварувањето на нашите стратешки цели.

На оваа годишнина, ја споделуваме со нашите соработници гордоста за извонредниот напредок на ДЗР низ годините. Високата професионална зрелост, одговорност, независност, етика и тимската работа во која се почитува максимата “помалку јас, а повеќе ние“, ја карактеризира институцијата и нејзините вработени, што придонесува за квалитетна и успешна работа на ДЗР во заложбите за обезбедување на уставна, финансиска и оперативна независност.