dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Извршување на пренесените надлежности финансирани со блок дотации треба да се подобри

30.06.2021
Слика
Карта на ЕЛС во државата

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА

Соопштение за медиуми - 

Скопје, 30.06.2021

                                                                                                   

Ефективноста на извршување на пренесените надлежности финансирани со блок дотации може и треба да се подобри

Уредбите за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите се секоја година идентични, односно нема промена во утврдените критериуми за распределба на блок дотациите или воведување на нови што упатува на заклучок дека од страна на надлежните министерства и тела, не се преземаат доволно активности и мерки со цел подобрување на состојбите во делот на финансирањето на пренесените надлежности на ЕЛС

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема “Ефективност на мерките и активностите во функција на реализација на пренесените надлежности кои се финансираат со средства од блок дотации” со цел да даде одговор на прашањето :Дали воспоставените мерки и активности овозможуваат ефективно извршување на пренесените надлежности кои се финансираат со средства од блок дотации”.

Ревизијата на успешност го опфати периодот 2017-2020 година, како и одредени области, прашања и настани пред 2017 година и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

Системот на финансирање на пренесените надлежности на општините не е заснован на начелото на финансирање на надлежности (функции) туку на институции од образованието, детската и социјалната заштита и културата.

Во ревизорскиот извештај се наведува дека со децентрализацијата не е обезбеден хармоничен и избалансиран однос помеѓу демографскиот, економскиот и културниот развој на државата, постојат разлики поради нееднаквата развиеност на урбаните и руралните општини, со што сите општини не можат подеднакво да учествуваат во децентрализираните процеси во сите области, посебно во културата.

Состојбите кои ги утврдија ревизорите кај образованието упатуваат на заклучокот дека не е направена проценка за утврдување на неопходната мрежа на училишта во секоја општина, а со тоа не е обезбедена рационализација на трошоците за бруто плати како и за останатите трошоци неопходни за функционирање на секое од училиштата. Кај средното образование, отсуствува функционална анализа на мрежата на средни училишта, особено на образовните профили кои се реално потребни на општините и државата, односно пазарот на трудот и бизнис заедницата.

Блок дотацијата за детските градинки од 2019 година се пресметува согласно нова Уредба за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотациите донесена поради неприменливост на претходната методологија, но останува проблемот со централизираниот и комплексен процес на вработувања што е особено значаен кај детските градинки во услови на недостаток на човечки ресурси.

Блок дотациите во културата се распределуваат врз основа на непроменети критериуми во наведената уредба, а општините немаат донесено интерни акти за распределба на средствата до крајните корисници.

Исто така, нагласуваме дека во законската регулатива, предвидено е општината да ја дополнува добиената блок дотација за одредена област со средства од сопствени извори, освен за бруто платите на вработените, но со ревизијата утврдивме дека средствата издвоени од сопствени приходи на општините за финансирање на пренесените надлежности се занемарувачки.

Учеството на блок дотациите по години во вкупните средства на Буџетот на Република Северна Македонија изнесува:

  •  во 2017 година 6,62%,
  • во 2018 година 6,54%,
  • во 2019 година 6,78% и
  • во 2020 година е 6,34%

Во ревизорскиот извештај е нагласена потребата од продолжување со политиките за развој на општините односно фискална децентрализација и рамномерен регионален развој со цел зајакнување на финансиските извори на општините, но воедно и зголемување на одговорноста и транспарентноста на нивното работење.

Линк до извештајот: 

https://dzr.mk/sites/default/files/2021-06/47_RU_Merki_aktivnosti_realizacija_blok_dotacii_2020_KOMPLET.pdf


Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]