dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Инспекторатите 10 години работат со 50% намален кадровски капацитет

10.06.2021
Слика
Мотив од ЈП Дрисла Скопје

ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
   - Соопштение за медиумите -

 Скопје, 10.06.2021 година                                      

 

Инспекторатите во РСМ 10 години работат со 50% намален кадровски капацитет

За организација и функционирање на ефикасен инспекциски систем, непречено спроведување на процесот на вршење на инспекциски надзор, превентивно делување и преземање мерки за спречување и отстранување на неправилности и недостатоци, НЕ се преземени сите неопходни мерки и активности од страна на надлежните институции во РСМ

 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Институционални капацитети на инспекторатите во Република Северна Македонија“. Ревизијата на успешност е спроведена со цел да одговори на прашањето: „Дали институционалните капацитети на инспекторатите во Република Северна Македонија обезбедуваат ефикасен инспекциски надзор“.

Ревизијата на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2020 година. Периодот кој беше опфатен со ревизијата на успешност е од 2017 до 2019 година, како и одредени области, прашања и настани, последователно до денот на известување од извршената ревизија.

Со извршената ревизија, ревизорите утврдиле дека во однос на стратешката и законска рамка за работењето на инспекторатите, не е изработена и донесена Стратегија за развој на инспекциските служби во РСМ, која треба да претставува главен долгорочен стратешки документ во областа на инспекцискиот надзор, со утврдени цели, политики и мерки за развој на инспекциските служби во РСМ.

Ревизорите извршиле анализа на доставените податоци од страна на Инспекциски совет за издадените лиценци за инспектори во инспекторатите и инспекциските служби од кои утврдиле дека се издадени вкупно 1.692 лиценци за 45 видови на инспектори вработени во 28 инспекторати и инспекциски служби, од кои активни се 842 лиценци за инспектор. Имајќи ја предвид важноста и улогата на инспекциските контроли, намалувањето на бројот на инспектори во државата, кој за 10 години е намален за околу 50% е состојба за која е потребно да се преземат итни мерки во насока на зголемување и екипирање на бројот на инспектори во државата.

Во програмата на Владата на РСМ 2020 - 2024 година, во однос на инспекциските служби, констатирано е дека сеуште е голема недовербата кај граѓаните и бизнис секторот во ефикасноста и непристрасноста на државните и локалните инспекции.

Во однос на реформирањето на системот и правилата во инспекцискиот надзор, предвидено е назначување на вицепремиер задолжен за координација на сите инспекциски служби, значително намалување на бројот на инспекторати, додека планирано е зголемување на бројот на инспектори за животна средина и пазарна инспекција.

Значајно е планираното воведување на платформата „Е-инспектор“ во сите инспекциски служби, како и задолжителност за објавување на месечните извештаи

со податоци кога, каде и со каков резултат се спроведени инспекциските надзори и

одржување на редовни средби со заинтересирани граѓански организации за презентирање на резултатите и проблемите со кои се соочуваат инспекциските служби.

Имајќи ги предвид заложбите на Владата на РСМ за реформирање на системот и правилата во инспекцискиот надзор, како и програмата на Владата на РСМ 2020 2024 година каде е планирано воведување на платформа „Е-инспектор“, ревизорите со извршената ревизија утврдиле висок ризик за имплементација на оваа реформа, од причина што во секторот за ИКТ, одделението за ИКТ поддршка и одделението за е-инспекции, нема вработен кадар, иако се предвидени 9 работни места.

Од извршената анализа на податоците на Инспекцискиот совет, ревизорите утврдиле дека во државните инспекторати од предвидените 1.006 работни места за инспектори, пополнети се 602 работни места или 60%, додека во инспекциските служби од предвидените 418 работни места за инспектори, пополнети се 210 работни места односно 50%.

Во ревизорскиот извештај дополнително се наведува дека голем број на инспекциски служби работат отежнато, поради недоволен број на инспектори и доколку во наредниот период не се реализираат нови вработувања, постои ризик неколку инспекторати да немаат можност да вршат инспекциски надзор, односно да ја извршуваат надлежноста делегирана со закон.

Од извршената анализа на базите со кои располагаат инспекторатите, ревизијата утврди дека истите не се целосни и не содржат податоци за субјектите предмет на инспекциски надзор. Ваквата состојба се должи на недоволната соработка со другите државни институции кои имаат надлежности во поглед на евидентирањето на субјектите кои се предмет на инспекциски надзор.

Ревизорите дополнително утврдиле дека во државата не е воспоставен интегриран информатички систем за следење на работењето на инспекциските служби. Отсуството на ваков информатички систем, создава ризик од субјективизам при изборот и распределбата на надзорите, а со тоа и отежнато е следењето на успешноста на работењето на инспекторите.

Линк до извештајот:
https://dzr.mk/sites/default/files/2021-06/45_RU_Institucionalni_kapaciteti_na_inspektoratite_vo_RSM_2021_KOMPLET.pdf

 

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
[email protected]
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]
Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]