dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Легализацијата на бесправно изградените објекти во Охрид тест за зачувување на светското културно и природно наследство

08.06.2021
Слика
Панорама на град Охрид

 ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
    - Соопштение за медиумите -

 Скопје, 08.06.2021 година                                                            

 

Легализација на бесправно изградените објекти во Охрид, сериозен тест за зачувување на светското културно и природно наследство!?

Недоволно уредена законска регулатива за спроведување на легализацијата, чести измени и дополни на законот во делот на продолжување на рокот на поднесување на барање и комплетирање на документацијата, недоволна кадровска екипираност на чинителите инволвирани во процесот, недоследна примена на законски предвидените услови и рокови за постапување, сложеноста на процесот на донесување на урбанистичко планска документација, носење на одлуки за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичките планови и постапките за легализација, се состојби кои имаат влијание врз законското, транспарентното и ефикасното спроведување на постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти на територијата на Општина Охрид. Истите придонесуваат легализацијата на бесправно изградените објекти да не се одвива согласно целите на законот, имајќи во предвид дека изградбата на бесправно изградените објекти негативно се одразува на урбаниот развој и на зачувувањето на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

Државниот завод за ревизија, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2020 година, изврши ревизија на усогласеност на спроведување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти во Општина Охрид, за периодот од 2011 – 2020 година, a одредени области, прашања и настани се опфатени и последователно до денот на известување од извршената ревизија.

Во објавениот ревизорски извештај, се наведува дека во Регистарот за поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти на Општина Охрид, заклучно со месец септември 2020 година евидентирани се вкупно 15.939 барања за добивање правен статус на 19.935 објекти. Од вкупниот број поднесени барања, одобрени се барањата за 5.806 објекти или 30%, одбиени се барањата за 2.544 објекти или 19%, додека во постапка се барањата за 11.585 објекти. Овaa состојба укажува дека за повеќе од половина објекти за кои е поднесено барање за добивање правен статус во Општина Охрид, сеуште не се донесени решенија за утврдување на правниот статус на истите.

Од предметите за кои е во тек постапка за легализација, ревизорите утврдиле дека од поднесени барања за 2.763 објекти, евидентирани во крајбрежниот појас од 50m на Охридското Езеро се 416 објекти, додека во границите на Националниот парк Галичица прикажани се 2.347 објекти.

Со извршената ревизија за начинот и постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти реализирани во периодот 2011 – 2020 година во Општина Охрид, ревизорите утврдиле дека не е предвидена обврска за изработка и донесување на стратешки документи како еден од клучните предуслови за реално согледување на состојбата со бесправно изградените објекти и утврдување на правниот статус на истите.

Исто така, ревизорите утврдиле дека не се пропишани критериуми за начинот на распределба на предметите на лицата овластени за водење на постапката за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти.

Дополнително, во регистарот на поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти не се предвидени податоци кои се однесуваат на локација и метри квадратни на објектите кои се предмет на легализација, како и податоци за статусот на барањата, а не се познати ниту причините доколку некоја постапка е прекината или одбиена.

Во делот на спроведувањето на инспекцискиот надзор над бесправно изградените објекти во Општина Охрид, во извештајот се потенцира дека во периодот предмет на ревизија 2011 – 2020 година, инспекцискиот надзор во Охрид го извршува Одделението за инспекциски надзор – Инспекторат. Ова одделение, функционирало со само еден вработен овластен градежен инспектор до 2015 година, двајца вработени во 2019 година и тројца овластени градежни инспектори во 2020 година.

Иако ваквиот инспекциски надзор, согласно закон е предвидено да се врши како редовен, вонреден и контролен, поради големиот број на барања и поради недоволната кадровска екипираност  на одделението во општина Охрид, се врши исклучиво како вонреден и контролен, врз основа на поднесени пријави и дојави.

Ревизорите укажуваат дека и после стапувањето на сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти поради неговите слабости особено во делот на дадената можност за поднесување на некомплетни барања, честите измени на истиот, не извршеното аерофотогаметриско снимање на просторот на целата територија на државата, како и не постоењето на координираност помеѓу комисиите и градежниот инспектор, доведува до појава на изградба на ново изградени или доградби и надградби на објекти без одобрение за градење за кои постои ризик да се легализираат, иако се изградени по донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

Честите измени во законската и подзаконската регулатива, која го уредува просторно и урбанистичко планирање, влијаат на одложување на донесувањето на урбанистичките планови, што придонесува донесените согласности од надлежните институции да застарат за што е потребно обезбедување на нови согласности.

Линк до извештајот:
https://dzr.mk/sites/default/files/2021-06/54_RU_Sproveduvanje_na_Zakonot_za_postapuvanje_so_bespravno_izgradenite_objekti_vo_opstina_Ohrid_2020.pdf

Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203
albiona.mustafa
@dzr.gov.mk
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]