dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Онлајн семинар за соработката на ДЗР со надлежните институции

03.06.2021

Во рамки на активностите од Компонентата 2 „Подобрени административни капацитети и процеси на надворешната ревизија“, на ден 02.06.2021 година, ДЗР организираше онлајн семинар за зајакнување на комуникацијата на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија со надлежните институции задолжени за борба против корупцијата.   

На онлајн семинарот, покрај претставниците од ДЗР, учествуваа и твининг партнерите од Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, претставници од повеќе надлежни институции во државата, како и претставници од граѓански организации како засегнати надворешни страни со кои ДЗР има воспоставено добра соработка.

Семинарот го отвори и на присутните им се обрати Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, кој во своето излагање истакна дека Државниот завод за ревизија се стреми во своето работење да ги практикува принципите на отчетност и транспарентност, јавно известувајќи за наодите и заклучоците од спроведените ревизии, притоа овозможувајќи квалитетно, навремено и брзо информирање на засегнатите надворешни партнери на ДЗР.

На семинарот беше презентирана изготвената анализа од г-ѓа Лидија Пернар и г-ѓа Бисерка Чох Микулец од Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, кои информираа за резултатите од прашалникот кој беше споделен институции со кои ДЗР соработува. Од пристигнатите одговори на прашалникот може да се заклучи дека најголемиот дел од институциите - соработници и партнери на ДЗР, дури 83% се многу добро запознаени со работата на ДЗР, а повеќе од 70% од институциите го оценуваат позитивно степенот на расположливи информации во медиумите за работењето на ДЗР.

Во делот предвиден за дискусија, дел од учесниците истакнаа задоволство и ги поздравија заложбите на ДЗР за поголемо присуство, видливост и отчетност во медиумите и јавноста, кое е евидентно и значително подобрено во изминатата година.