dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Потрошени 379 милиони денари за 599 илјади отпечатени книги

21.04.2021
Слика
Залиха на книги

 ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
   - Соопштение за медиумите -

Скопје, 21.04.2021 година                                        

Министерството за култура потрошило 379 милиони денари за 599 илјади отпечатени, а недистрибуирани книги

ДЗР со извршената ревизија во Министерството за култура констатира дека во министерството започнувајќи од 2009 година се отпочнати 11 капитални проекти за печатење на книги, од кои дел се уште во тек. Заклучно со 2019 година на залиха се чуваат 599.086 книги, кои не се дистрибуирани до крајните корисници, а се потрошени средства во износ од приближно 379 милиони денари

 


Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност во Министерството за култура, за 2019 година, согласно Годишната програма за работа на ДЗР за 2020 година.

Ревизорите во објавениот конечен ревизорски извештај констатираат одредени состојби и тоа:

  • Капиталните трансфери до единиците за локална самоуправа не се извршени согласно законските одредби, односно на една општина не и се исплатени средства за проект иако е доставена потребната документација,  додека на друга општина се исплатени средства без доставена потребна документација за проект кој реално не може да се реализира до крајот на годината;
  • Министерството за култура нема донесено годишен план за остварување на националниот интерес во културата, за утврдување на општите насоки за остварување на националниот интерес;
  • Министерството за култура  има исплатено 406 милиони денари за финансирање на дејности од областа на културата на корисници избрани на годишниот конкурс, без донесени интерни акти со дефинирани услови и критериуми за начинот на доделување на финансиски средства за проекти од национален интерес од областа на културата за 2019 година;

Во ревизорскиот извештај дополнително се констатирани повеќе неправилности за доделување на финансиски средства за проекти од национален интерес од областа на културата за поодделни дејности и тоа:

  • не е предвиден посебен конкурс/пријава за културно уметнички манифестации и за истите не се дефинирани посебни критериуми за оценка на манифестациите;
  • најголемиот дел од трошоците за финансираните проекти се исплатени како хонорари за организаторите на настаните;
  • за некои дејности не се почитува предвидениот рок за доставување на извештај со предлог проекти за избор од страна на комисија формирана од министерот;
  • исплатени се средства за проекти со некомплетна документација, без доставен извештај за реализација на проектот, како и исплата на средства во готово во износи кој го надминуваат законски дозволениот лимит.

 Ревизорите утврдија дека Министерството за култура нема извршено попис на средствата и изворите на средствата согласно законските и подзаконските акти, поради што не е усогласена сметководствената со фактичката состојба.

Исто така, во делот на ревизорскиот извештај кој се однесува на Нагласување на прашања за неизвесност и континуитет, обелоденети се состојби кои можат да предизвикаат идни финансиски импликации и тоа:

  • во декември 2018 година, со заклучок од Владата на РСМ, дадени се насоки за министерството да пристапи кон спогодбено раскинување на договорот за јавна набавка за изведување на градежните работи за НУ Драмски театар Скопје, од причина што овој објект не претставува стратешки приоритет на Владата на РСМ и за истиот не се обезбедени потребните финансиските средства и
  • Министерството за култура како инвеститор за изградба на Објект со Скулптурална композиција во Скопје, во 2015 година склучил договор за јавна набавка за изградба на објектот во вредност од 342 милиони денари, со рок на изградба од 18 месеци и договор за вршење на стручен надзор во износ од 528 илјади денари. Од август 2017 година прекинати се сите градежни активности од страна на изведувачот. Во јануари 2019 година, Владата на РСМ со заклучок го задолжува Министерство за култура да спроведе постапка за пренамена на овој објект и да распише јавен конкурс за идејно решение.

Во делот на останати прашања ревизијата констатира дека е извршено исплата на плати на вработените во културата со зголемување на коефициентите и промена на основицата со кое се врши покачување на исплата на плата, а притоа за истото не е извршена измена и дополнување на Законот за исплата на плати во РСМ.

Линк до извештаите: Конечни извештаи за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност во Министерството за култура.

 

 

 

 

 

Прес контакт:
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]

Албиона Мустафа Мухаџири
[email protected]