dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Ризици од корупција во јавните претпријатија и трговските друштва

09.03.2021
Слика
Државните ревизори за време на работилницата

„Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на владата и на општините“ е насловот на истражувањето и анализата која ја изготви Центарот за граѓански комуникации. По тој повод, на ден 05.03.2021 година,  беше организирана еднодневна работилница во просториите на ДЗР на која г-ѓа Сабина Факиќ и г. Герман Филков од ЦГК на ревизорите од Државниот завод за ревизија им ги презентираа податоците од спроведеното истражување.

Ревизорите од Државниот завод за ревизија имаа можност да дискутираат и да разменат искуства за утврдените системски слабости и детектирани ризици за можни случаи на корупција при постапките за спроведување на јавните набавки во јавните претпријатија и трговските друштва основани од Владата и ЕЛС.

Предмет на изготвената анализа беа јавните набавки спроведени од акционерските друштва и јавните претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга, а целта е да ги мапира ризиците од корупција во јавните набавки низ сите фази во кои тие се спроведуваат, односно низ планирањето на набавките, спроведувањето на постапките за јавни набавки и реализацијата на склучените договори.

Вкупно 37 претпријатија во текот на 2019 година склучиле 3.342 договори за јавни набавки, во вкупна вредност од 15,2 милијарди денари, односно 247 милиони евра.

Државниот завод за ревизија во спроведувањето на ревизиите, континуирано ги следи постапките за спроведување на јавните набавки во субјектите кои се предмет на ревизија и укажува на констатираните пропусти и слабости во фазите на планирање, реализација и следење на постапките за јавни набавки.