dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Главниот државен ревизор на Република Косово во посета на ДЗР

23.02.2021
Слика
Двете делегации за време на разговорите

На покана на ДЗР, а врз основа на долгогодишна успешна соработка помеѓу врховните ревизорски институции на Република Северна Македонија и Република Косово, делегација на Националната канцеларија за ревизија на Косово предводена од Главниот државен ревизор Бесник Османи, во петокот, на 19.02.2021 година, престојуваше во посета на Државниот завод за ревизија. Делегацијата ја прими  Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски заедно со Заменик главниот државен ревизор Орхан Адеми и своите соработници.

На состанокот беа дискутирани предизвиците и начинот на кој двете врховни ревизорски институции се справуваат со последиците предизвикани од глобалната пандемија Ковид 19. Од страна на Помошник главниот државен ревизор Добринка Весковска беа презентирани состојбите и клучните ограничувачки фактори со кои се соочија ревизорите во ДЗР при спроведување на  ревизии на теми поврзани со превенција и заштита од пандемијата предизвикана од корона вирусот.

Делегациите изразија задоволство од посветеноста на  нивните институции во исполнувањето на меморандумот за соработка, потпишан во 2019 година, со цел  промовирање на институционалната соработка, преку размена на искуства од областа на методологијата за надворешна ревизија, организација на паралелни ревизии за теми од заеднички интерес, поддршка за развој и применување на софтвери за ревизија, размена на информации и документација за професионални активности, конференции, стручни обуки и семинари.

На крајот од средбата двете Врховни ревизорски институции заклучија дека оваа соработка дополнително ќе се продлабочува преку размена на искуства и знаења меѓу двете институции во годините што следат, во вршење на ревизии на финансиски извештаи, ревизии на усогласеност кај јавните претпријатија и ревизии на успешност, а се со цел размена на најдобри практики.