dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Најмалку 204.713.000 денари се наплатени, а не се уплатени во Буџетот на РСМ од Јавните комунални претпријатија

29.01.2021
Слика
Водоснабдителна станица

 

- Соопштение за медиуми-        

Скопје, 29.01.2021 година

Најмалку 204.713.000 денари или  3.3 милиони евра се наплатени, а не се уплатени во  Буџетот на РСМ од Јавните комунални претпријатија на локално ниво по основ  надоместоци за користење водно право

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на спроведувањето на дадените препораки содржани во Конечниот ревизорски извештај за извршена ревизија на успешност од 2019 година, на тема „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“, со цел да се оцени степенот на спроведување на препораките и соодветноста на преземените мерки.

Со извршената ревизија обезбеден е основ за изразување на заклучок дека од страна на инволвираните субјекти не се преземени активности и мерки за спроведување на препораките, за што постои потреба од преземање активности во наредниот период за спроведување на истите.

Ревизорите утврдија дека:

  • од 19 препораки дадени на субјектите на централно ниво (Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за финансии и Државен инспекторат за животна средина), само 1 препорака е спроведена, 2 препораки се делумно спроведени, а 9 препораки не се спроведени. Во тек е спроведувањето на 7 препораки;
  • ­­­­од 11 препораки дадени на субјектите на локално ниво (општини и јавни претпријатија), 4 препораки се делумно спроведени, 2 препораки не се спроведени и 5 препораки се во тек на спроведување.

Нецелосното постапување по дадените препораки дадени во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор предизвикува помалку уплатени средства во Буџетот на РСМ во износ од најмалку 204.713 илјади денари или изразено во евра од 3,3 милиони евра како неуплатен надоместок за водно право од страна на јавните претпријатија даватели на водните услуги, a кој бил наплатен од крајните корисници (правни и физички лица).

Јавните претпријатија имаат искажани обврски за пресметани, а неуплатени надоместоци за водно право во износ од најмалку 426.448 илјади денари или изразено во евра повеќе од 6,9 милиони евра, што претставува потенцијален приход за Буџетот на РСМ.

Според Извештајот од Министерството за финансии, доставен по барање од Владата на РСМ, заклучно со март 2019 година пријавените обврски на 60 општини кон јавните претпријатија кои вршат водни услуги изнесуваат 348.365 илјади денари или изразено во евра над 5,6 милиони евра. Испорачаната вода од страна на јавните претпријатија за потребите на општините, за наводнување зеленило и паркови, фонтани, перење улици и слично не се мери и не се фактурира согласно реалниот потрошок во м3, а најчесто се фактурира паушален износ согласно годишните програми.

Од извршениот увид и анализа на податоците ревизорите констатирале дека вкупно исцрпената/зафатената вода во 2019 година изнесува 229.017.078 метри3, од кои 63% не е фактурирана. Во тој контекст, ревизорите утврдиja дека јавните претпријатија во следниве општини бележат најголем процент на загуби на вода: Дебар - 84%, Долнени - 82%, Гостивар - 81%, Кичево - 77%, Охрид 72%, Крушево - 71% и Кочани - 70%.

Количините на нефактурирана вода ги опфаќаат: физичките губитоци на вода, комерцијалните губитоци на вода поради нелегална потрошувачка и неточност на водомерите и грешка при ракување со податоци, како и нефактурираната легална потрошувачка на вода, измерена и неизмерена потрошена вода за тековно санирање и испирање на резервоари, фонтани и јавни украсни чешми, полевање на јавни зелени површини, дрвореди и булеварско зеленило и миење на улици.

Наведените состојби укажуваат дека мерките и активностите кои јавните претпријатија ги преземаат за намалување на загубите на вода се недоволни и предизвикуваат помалку пресметани и искажани приходи на јавните претпријатија, помалку пресметан данок на додадена вредност, помалку пресметан, наплатен и уплатен надоместок за водно право во буџетот на државата и прикажан несоодветен финансиски резултат на јавните претпријатија.

Ревизорите констатираат дека Министерството за животна средина нема преземено конкретни мерки за преиспитување и дополнување на Националната стратегија за води, која и понатаму не содржи конкретни стратешки цели и приоритети, ниту мерки и активности за спроведување на истите, поради што истата не може да ја оствари својата законски утврдена улога како основен плански документ за дефинирање, планирање и развој на управувањето со водите.

Исто така, се констатира дека сè уште не е донесена Методологија за утврдување на начинот на пресметување на единицата на штетност при испуштањето во води, поради што и понатаму од страна на јавните претпријатија не се пресметува варијабилната вредност на надоместокот за испуштање во води.

Дополнително, ревизорите утврдиja дека иако со Програмата за работа на Владата на РМ 2017-2020 година е предвидено да биде формирана Агенција за води со цел сите податоци за водните ресурси собрани од надлежните институции да бидат интегрирани користејќи единствен систем за управување со водите, сепак оваа Агенција сеуште не е формирана.

Во однос на утврдените состојби кои се однесуваат на начинот на утврдување и наплата на надоместоците на водно право, ревизијата констатира дека Министерството за животна средина не ги преземало потребните активности за преиспитување на постојното законско решение за начинот на утврдување и наплата на надоместоците на водно право и обезбедување решение кое ќе овозможи контрола, следење и ефикасност во наплатата на истите. Исто така, од страна на Министерството за животна средина и Министерството за финансии не се преземени активности за изготвување законско решение со кое надоместоците за водно право ќе имаат третман на јавна давачка.

Иако согласно Законот за водите, надлежности за вршење инспекциски надзор имаат и други инспекциски служби, во периодот опфатен со ревизијата инспекциски надзор над корисниците на водно право, како и на обврските од издадените дозволи за водно право врши единствено Државниот инспекторат за животна средина, преку водостопански инспектори.

Во периодот од јануари 2018 до март 2020 година по извршени вкупно 71 инспекциски надзори кај јавни комунални претпријатија, утврдени се неправилности кои најчесто се однесуваат на тоа дека јавните претпријатија:

  • немаат обезбедено дозволи за зафаќање на вода и за испуштање во води и немаат доставено барање до Министерството за животна средина;
  • не вршат мерења или ги надминуваат максимално утврдените количини на зафаќање на водата согласно издадените дозволи;
  • немаат изготвено елаборати и донесени одлуки за определување на граници на заштитни зони;
  • во сметките за водни услуги несоодветно ги прикажуваат тарифите за одделните водни услуги и надоместоците за водно право и не вршат уплата на истите во корист на трезорската сметка. 

И покрај дадените задолженија од водостопанските инспектори, од страна на јавните претпријатија не се преземаат доволно активности за отстранување на утврдените неправилности, а воедно и во законските решенија нема доволно механизми кои би го обезбедиле истото.

Линк до извештајот:
https://dzr.mk/sites/default/files/2021-01/45_RU_Dodeluvanje_vodno_pravo_KOMPLET_2020_REDUCE.pdf
 

Прес контакт:
Мијалче Дургутов +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]