dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Индикатори за ризици од корупција во јавните набавки

19.11.2020
Слика
Насловна точни димензии

Системот на спроведување на јавните набавки е еден од најранливите системи во нашата држава кога станува збор за можна корупција и злоупотреби на јавните средства. Начинот на спроведување на јавните набавки и детектираните системски слабости беа предмет на дискусија на вчерашната онлајн работилница која се одржа во организација на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК),  на тема „Дефинирање на индикатори за ризици од корупција во јавните набавки на државните претпријатија“.

Настанот го отвори програмскиот директор на Центарот за граѓански комуникации г-ѓа Сабина Факиќ, која ги поздрави говорниците и учесниците на работилницата и презентираше дел од наодите и констатираните состојби од изготвеното Истражување во рамки на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“, финансиран од страна на Амбасадата на Кралството на Холандија во Скопје.

На покана од Центарот за граѓански комуникации, со свои презентации учествуваа м-р Максим Ацевски – Главен државен ревизор, г. Љупчо Николовски – Заменик претседател на Владата за борба против корупција, г. Петре Шилегов – Градоначалник на Град Скопје и г. Дарко Јаневски – експерт во полето на спроведувањето на јавните набавки, како и претставници на АД и ЈП основани од Владата и од Градот Скопје.

 Главниот државен ревизор, во своето обраќање се осврна на мерките што треба да бидат преземени за намалување на корупцијата во јавните набавки и потребата од зајакнување на интегритетот на институциите и јавните претпријатија кои ги спроведуваат јавните набавки.  ГДР истакна дека е неопходно да им се обезбедат доволно финансиски и човечки ресурси на надлежните институции кои се задолжени за борба против корупцијата. Потребно е да се формира ревизорски комитети согласно меѓународната пракса на ниво на АД и ЈП кои се материјални во насока на обезбедување на висок степен на независност на внатрешната ревизија и разумно уверување за остварување на стратешките цели на АД/ЈП.

Исто така, м-р Ацевски укажа на дел од детектираните слабости во спроведувањето на јавните набавки, кои се нотирани во конечните ревизорски извештаи на ДЗР.  За таа цел, истакна дека институциите мора да имаат пропишани јасни политики и процедури за начинот на постапување на вработените во сите фази од процесот на доделување на договорите за јавни набавки, како и обезбедување на соодветни програми за КПУ на вработените со цел обезбедување на професионална, компетентна и етичка јавна администрација.

На крајот од своето излагање, Главниот државен ревизор упати порака дека со обезбедување на висок степен на транспарентност во целокупниот процес на работење на субјектите во јавниот сектор и зголемена достапност на информациите до граѓаните ќе се обезбеди транспарентно општество за начинот на користење на средствата на даночните обврзници, особено во делот на спроведувањето на јавните набавки.