dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Предизвици и перспективи на ревизорската професија

22.10.2020
Слика
Институт за овластени ревизори

На покана од страна на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, претставници на Државниот завод за ревизија, учествуваа на настан за континуирано професионално усовршување на овластени ревизори на тема „Предизвици и перспективи на ревизорската професија“, како дел од заедничката соработка и меѓусебни активности кои произлегуваат од потпишаниот Меморандум за соработка.

Настанот беше отворен од страна на Претседателот на Институтот на овластени ревизори г. Драган Димитров, кој ги поздрави учесниците и им посака успешна и плодна работа. Веднаш по него, со свое воведно обраќање се обрати и главниот државен ревизор г. Максим Ацевски кој истакна дека очекува овој настан да придонесе кон зајакнување на заедничките заложби и дејствувања во справувањето со идните предизвици кои се јавуваат во ревизорската професија.

Во таа насока, главниот државен ревизор се осврна и на дел од идните предизвици со кои се соочени врховните ревизорски институции, со цел обезбедување на значајност како институции кои се од голема вредност за општеството, потенцирајќи ги следните:

  • Обезбедување на независен надворешен надзор на постигнувањето на национално договорените цели во државата, вклучително и оние кои се поврзани со Целите на одржлив развој;
  • Ефективен одговор и постапување во ревизијата во корелација со новите можности кои ги нуди технолошкиот напредок;
  • Зајакнување на влијанието на ВРИ врз отчетноста и транспарентноста на јавното управување.

Во текот на првиот ден од настанот,  со свои презентации во улога на предавачи активно се вклучија претставниците од Државниот завод за ревизија г. Бранислав Гулев и г-ѓа Тања Јаневска, кои преку презентации ги опфатија и анализираа најважните меѓународни ревизорски стандарди за вршење на државната ревизија, правилата утврдени со кодексот на етика на ИНТОСАИ, како и законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на вршење на државната ревизија.

На дводневниот настан, покрај претставниците од Институтот на овластени ревизори на Република Македонија и Државниот завод за ревизија, учествуваа и претставници од Министерството за финансии, Здружението на внатрешни ревизори на Република Северна Македонија, како и претставници од комерцијалната ревизија.