dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Подобрување на планирањето, распределбата и реализацијата на буџетските средства, во насока на остварување на стратешките цели на Владата на РСМ

15.10.2020

                                                                                         СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИТЕ   

Скопје, 15.10.2020 година
 

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на Основниот буџет на Република Северна Македонија, со која се опфати подготовката, донесувањето, управувањето и извршувањето на Буџетот на РСМ за 2019 година.

Буџетот за 2019 година изнесуваше приближно 156 милијарди денари, a со донесениот ребаланс во октомври извршено е незначително намалување од 0,6% на претходно одобрените средства. Со ревизијата утврдивме дека во државниот буџет високо учество од приближно 37% имаат расходите за социјална заштита, што укажува на тоа дека тој е дизајниран пред сè да обезбеди социјална сигурност за граѓаните.

Графикон Буџет 2019


Од друга страна, воочивме јасен тренд на опаѓање на развојната компонента на буџетот, која во најголем дел се реализира преку капиталните инвестиции, односно констатиравме пад на планираните и реализираните средства за таа намена од 46% во 2019 во однос на 2015 година.

Дополнително, забавената динамика и нискиот степен на реализација на капиталните расходи кај одредени буџетски корисници, претставува ризик од нецелосна реализација на дел од утврдените стратешки цели на Владата. Од таа причина, со ребалансот на буџетот кај дел од буџетските корисници извршено е намалување на првично утврдените капитални расходи.

Исто така, утврдивме дека во период од 2014 до 2018 година, буџетскиот дефицит континуирано опаѓа, а во 2019 година тој е незначително зголемен во однос на претходната година и изнесува 2% од БДП, што пак е под проектираниот процент од 2,5%. Финансирањето на буџетскиот дефицит се врши со средства обезбедени преку задолжување од домашни и странски извори. Преку задолжување во странство остварени се приливи во износ од приближно 8 милијарди денари, што е за 75% помалку во однос на 2018 година, поради што во 2019 година не е издадена Еврообврзница на РСМ на меѓународниот пазар на капитал и се користат приливите од Еврообврзницата издадена во 2018 година. Во однос пак на домашниот пазар на хартии од вредност, во 2019 година се спроведува политика за издавање државни хартии од вредност со подолги рокови, заради навремена исплата и намалување на ризикот за рефинансирање на долговите.

Вкупните приходи и приливи во Основниот буџет на РСМ за 2019 година се остварени во износ од приближно 160 милијарди денари, односно за 5% помалку во однос на 2018 година. Најголемо учество од 71% во вкупните приходи имаат даночните приходи, кои се во надлежност на Царинската управа и Управата за јавни приходи. Имајќи предвид дека истите вршат евидентирање, пресметка и контрола на даночните приходи и јавните давачки, укажавме на потреба од зајакнување на нивните кадровски и технички ресурси, како и унапредување на ИТ системите. Констатиравме потреба, институциите надлежни за планирање и прибирање на дел од капиталните приходи, да воспостават целосна евиденција и контрола над нивната реализација, следење на навременоста на наплатата, поткрепена со комплетна и веродостојна документација.

Во структурата на извршените расходи и одливи на Основен буџет на РСМ за 2019 година, најголемо учество имаат расходите за тековни трансфери кон републичките фондови со 22%, расходите за плати, наемнини и надоместоци со 18% како и трансферите до единиците на локалната самоуправа со 13%. Учеството на средствата од Буџетот на РСМ за покривање на дефицитот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на пензии во 2019 година изнесува 26%, кој во однос на 2018 година е намален за 10%, што во најголем дел е резултат на зголемувањето на стапката за придонес за пензиско и инвалидско осигурување во 2019 година.

Во однос на одобрените средства за Судската власт, ревизорите констатираат дека со Буџетот на РСМ во 2019 година се одвојуваат помалку средства од законски утврдениот процент, односно проектирани се во висина од 2.179.011 илјади денари, што претставува 0,35 % од БДП за 2018 година. Најголем дел од одобрените средства (72%) е наменет за плати и надоместоци, значително помало е учеството на средствата за капитални расходи односно за инвестиции и развој.

Истовремено, со реализираната ревизија се констатира дека не е во целост спроведена постапката за усогласување на предлог буџетот за Судска власт помеѓу Министерството за финансии и Судскиот буџетски совет, односно не е изготвен писмен документ за постигнатата согласност, ниту пак е изготвен Извештај за причините за неусогласеноста на бараните и одобрените средства, кој согласно член 15 од Законот за судскиот буџет треба да се достави до Владата на РСМ и до Судскиот буџетски совет, а Судскиот буџетски совет до Владата на РСМ треба да достави мислење по извештајот на Министерството за финансии.

Ваквата состојба создава ризик за непречено обезбедување на стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, што пак претставува проблем за обезбедување на уставна и законски предвидена независност и самостојност на судската власт во државата.

Со ревизијата на Буџетот за 2019 година, се констатира состојба на бришење на правни лица во Трговскиот регистар од страна на Централниот регистар на РСМ по службена должност, субјекти коишто сеуште имаат неподмирени даночни обврски во даночното сметководство на УЈП, поради што постои ризик овие правни лица да не ги платат своите долгови по основ на даноци и други јавни давачки.

Како сериозен проблем кој се наведува во ревизорскиот извештај се потенцирани и ненаплатените побарувања од увоз на стоките во земјата. Согласно член 246 од Царинскиот закон, правото за наплата на износот на давачки застарува во рок од пет години, односно апсолутната застареност е во рок од десет години, од денот кога настанал царинскиот долг. Во претходниот период, Царинската управа ги има преземено сите правни мерки за наплата на побарувањата од увоз и за побарувањата во износ од 2.684.141 илјади денари и нема можност повеќе да постапува, односно долгот е ненаплатлив поради апсолутна застареност.

Ревизорите констатираат дека Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините во РСМ, не одржала доволен број на седници и не ја следи распределбата на средствата од дотации и транспарентноста во оваа постапка, како и наменското користење на дотациите, согласно утврдените надлежности со што не е обезбеден доволен придонес за развој на системот за финансирање на општините.

Ревизијата на Основниот буџет на РСМ за 2019 година беше спроведена во услови на вонредна состојба предизвикана од пандемијата на вирусот COVID - 19. Во извештајот информиравме дека поради влијанието на здравствено - економската криза извршени се измени и дополнувања на Буџетот во мај 2020 година и вкупните приходи се намалени за 11,5% во однос на претходно планираните со Буџетот, додека расходите се зголемени за 1,4%. Со новата проекција дефицитот е зголемен на 6,8% од БДП, наспроти планираниот од 2,3% за 2020 година. Владата на РСМ исто така изврши распределба на средства во буџетите на соодветните министерства и институции надлежни за имплементација на владините мерки преку посебна Владина потпрограма П1-Мерки за справување со COVID-19 кризата.

Државниот завод за ревизија, во рамки на своите надлежности, се вклучи со ревизии на теми поврзани со превенција и заштита предизвикана од корона вирусот од COVID 19, со цел да овозможи на сите релевантни институции, како и на пошироката јавност достапност на информации  за ефектите од вложените пари.

За извршената ревизија, Државниот завод за ревизија го даде следниот заклучок:

Со извршената ревизија изразивме заклучок дека постапката на подготовка и донесување на Буџетот на РСМ се спроведува во согласност со законската регулатива, освен за одредени состојби кои ги истакнавме во Конечниот извештај, во насока на подобрување на постапката на планирање на Буџетот. За  планирањето и извршувањето на расходите и другите одливи и планирањето и остварувањето на приходите и другите приливи, освен за освен за дел од истите, заклучивме дека состојбите се во согласност со износите и намената утврдена во одобрените буџети на одделните буџетски корисници. Воспоставената евиденција, контрола и размена на податоците за дел од капиталните и даночните приходи, како јавни приходи на Буџетот на РСМ, се состојби кои имаат влијание врз навременоста, точноста и целосноста на планирањето и реализацијата на овие приходи. Утврдивме дека воспоставените контролни постапки на ИТ системите во Царинската управа на РСМ, УЈП и трезорската сметка и евиденција, освен за дел од истите, овозможуваат спречување или откривање на грешки.

Од извршената анализа на извештаите за пријавени обврски заклучно со декември 2019 година, ревизијата констатира дека од вкупно 1.409 субјекти, во Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврските (ЕСПЕО) податоци имаат доставено вкупно 1.047 субјекти и тоа доспеани, а неплатени обврски со вкупен износ од 16.696.982 илјади денари, што е за 2.043.511 илјади денари (11%) помалку, во однос на доспеаните а неплатени обврски во 2018 година.

Констатиравме дека 75% од субјектите ја исполниле обврската за доставување на податоци за износот на обврски за 2019 година, кои Министерството за финансии ги објавува на својата веб страна. Според објавените податоци, најголемо учество во вкупните обврски имаат јавните претпријатија и трговските друштва со 37,71% и  општините со 19,80%. Најмало учество имаат регулаторните тела со 0,04%. Укажавме на потребата од интензивирање на активностите за воспоставување на надзор на субјектите во однос на целосноста и точноста на пријавените неподмирени обврски

Во текот на 2019 година, од средствата на Основен буџет на РСМ се реализирани дваесет програми за здравствена заштита во вкупен износ од 4.806.873 илјади денари. Најголем дел од средствата (63%) се однесуваат на Програмата 66- Целосно здравствено осигурување и здравствена заштита на граѓаните на РСМ.

Во ревизорскиот извештај од доставената документација од Министерството за финансии е утврдено дека во декември 2019 година, 12 општини во РСМ од вкупно 81 општина, работат и функционираат со блокирана сметка, за што Градоначалникот на општината е должен да донесе одлука за прогласување на финансиска нестабилност и за истото да го извести Советот на општината, Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.

За повеќе информации:

Линк од извештајот:

https://dzr.mk/sites/default/files/2020-10/1_Osnoven_budzet_na_RSM_KOMPLET_2020_REDUCE.pdf

 

Линк од претходни извештаи:

https://dzr.mk/Uploads/1_FR_Osnoven_budzet_Republika_Severna_Makedonija_2019_KOMPLET_REDUCE.pdf

https://dzr.mk/Uploads/1_FR_Osnoven_budzet_Republika_Makedonija_KOMPLET_2018_REDUCE.pdf

https://dzr.mk/Uploads/Osnoven_budzet_Republika_Makedonija_2017.pdf

 

Прес контакт
Мијалче Дургутов  +389 70 358 486
[email protected]

Мартин Дувњак  +389 75 268 517
[email protected]