dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Поддршка од делегацијата на Европската Унија за твининг проектот

18.09.2020
Слика
Паулина Станоева и м-р Максим Ацевски

Во просториите на Државниот завод за ревизија се одржа работна средба помеѓу Главниот државен ревизор г. Максим Ацевски и  г-ѓа Паулина Станоева, програмски менаџер и претставник на делегацијата на Европската унија во нашата држава. На средбата покрај Главниот државен ревизор, присуствуваа и вработените од ДЗР коишто беа вклучени во активностите од претходниот твининг проект.

Државниот завод за ревизија продолжува да ги зајакнува своите институционални капацитети согласно стратешките документи, препораките од Европската Комисија, како и препораките содржани во извештаите изготвени во рамки на претходно завршениот твининг проект, преку реализација на новиот твининг проект „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“ МК 18 ИПА ФИ 03 20, финансиран од страна на ИПА 2018 фондовите на Европската унија. 

Целта на новиот твининг е да ја подобри ефикасноста и влијанието на надворешната ревизија преку натамошно усогласување на правната рамка и развој на методолошки алатки, како и преку зајакнување на капацитетите на ДЗР за ефикасно извршување на надворешната ревизија. Покрај тоа, проектот има за цел да ја подобри парламентарната контрола над јавните средства и да ја подобри соработката помеѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на РСМ.

Твининг проектот е организиран и структуриран опфаќајќи четири компоненти и тоа: Компонента 1: Засилена правна рамка релевантна за надворешната ревизија; Компонента 2: Подобрени административни капацитети и процеси на надворешна ревизија; Компонента 3: Подобрена функција на законодавната контрола на Собранието врз основа на разгледување и дискусија за ревизорските извештаи на ДЗР; и Компонента 4: Подобрена надворешна и внатрешна комуникација и ИТ и ИТ ревизорски капацитети.

Во завршна фаза е постапката за прибирање на предлози за твининг проектот од земјите членки на ЕУ врз основа на објавеното твининг фише, кој истекува на 18 септември 2020 година, по што ќе се спроведува процес на оценка на пристигнатите предлози и избор на твининг партнер(и) согласно процедурите на Европската Комисија.

Предвидениот период на имплементација на овој твининг проект изнесува 24 месеци, а се очекува да започне од 1 јануари 2021 година и да трае до 31 декември 2022 година.