dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Работилница за зајакнување на комуникациските вештини

31.07.2020
Слика
Ревизорите на практична обука

Во рамки на проектот „Зголемување на отчетноста и транспарентноста во Македонија преку подобрена имплементација на препораките од Државниот завод за ревизија“ подржан од страна на Владата на Велика Британија, беше одржана еднодневна работилница на тема “Пишување на соопштенија за различни целни групи – основни принципи, структура и јазик”, реализирана преку Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД) и Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС).

Целта на овој проект е имплементација на Комуникациската стратегија на ДЗР, преку зајакнување на улогата на ДЗР како промотор на принципот на транспарентност и отчетност на користењето на средствата на даночните обврзници, зајакнување на соработката и координацијата на засегнатите групи од интерес, како и поттикнување на институциите да постапуваат по дадените препораки содржани во ревизорските извештаи.

Работилница ја отвори Главниот државен ревизор кој притоа истакна:

- Финансискиот надзор и работата на Државниот завод за ревизија е клучна за ефективното и ефикасното трошење на јавните средства и одговорното финансиско работење на институциите. Токму поради таа причина од исклучителна важност е да се пронајде вистинскиот начин за пренесување на информациите од конечните ревизорски извештаи до сите целни групи, на начин на кој ќе се создаде баланс меѓу поедноставувањето на содржината на ревизорски извештаи и зачувувањето на интегритетот и статусот на независна и објективна Врховна ревизорска институција.

Ревизорите имаа можност преку интерактивен пристап и вежби, активно да работат на зајакнување на своите комуникациски вештини преку обработка на конечните ревизорски извештаи со цел пишување на соопштенија за медиуми и објави за интернет страницата на ДЗР .

На работилницата покрај вработени од Државниот завод за ревизија, присуствуваа и Претседателот на Институтот за овластени ревизори, м-р Драган Димитров и Марјонка Николовска, контролор на квалитет во ИОРРМ, што претставува прва активност во насока на реализација на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу овие две институции.