dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

Соработка со парламентите за јакнење на влијанието на ревизијата

26.02.2020
Слика
Мотив од конференцијата во Црна Гора

Делегација на Државниот завод за ревизија предводена од главниот државен ревизор Максим Ацевски, учествуваше на меѓународната конференција на тема “Соработка со парламентите во насока на јакнење на влијанието на ревизијата”,  која се одржа на 20 и 21 февруари 2020 година,  во Пржно, Црна Гора.

Конференцијата чиј домаќин беше ВРИ на Црна Гора, беше организирана во рамките на Мрежата на врховни ревизорски институции во која членуваат и земјите кандидати и потенцијални кандидати за прием во Европската унија, во организација на СИГМА (OECD), а поддржана од Европската Унија.

Воведно обраќање на конференцијата имаа г. Бранимир Гвозденовиќ, потпретседател на Парламентот на Црна Гора и г. Милан Дабовиќ, претседател на Државната ревизорска институција на Црна Гора, кои ги поздравија парламентарните делегации и делегациите од врховните ревизорски институции посакувајќи им успешна работа.

Конференцијата беше одлична можност да се разменат искуства и примери на добра пракса од земјите членки на ЕУ и државите членки на Мрежата во однос на примената на практични алатки-механизми за разгледување на ревизорските извештаи со посебен акцент на одржување на ефективни собраниски сослушувања за клучните ревизорски наоди и препораки.

На една од панел дискусиите на која се разговараше за унапредувањето на постојните механизми и алатки за јакнење на соработката на ВРИ со парламентот и општо јакнење на влијанието на ревизијата, главниот државен ревизор Максим Ацевски, се осврна и го презентираше новиот Апстракт од ревизорскиот извештај како алатка со која ќе се олесни читањето и разбирањето на ревизорските извештаи за институциите, медиумите и општата јавност.

Општа беше оценката дека конечните ревизорските извештаи треба да бидат изработени на високо професионално ниво, да бидат објективни, јасно и разбирливо напишани и  дека при нивното разгледување во парламентот треба да постои високо ниво на единство помеѓу политичките опции и чувство за одговорност при користење на јавните средства во интерес на граѓаните.