ДРЖАВЕН ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
- Соопштение за медиуми-
Скопје, 23.06.2026 година
Наплатените придонеси не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем на државата
Зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на пензиите во 2024 година, поради што се вршат трансфери од Буџетот на државата кои учествуваат со 36,71% во вкупните приходи на Фондот
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот) за 2024 година.
Со извршената ревизија за 2024 година изразено е неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.
Со спроведената ревизија ревизорите меѓу другото утврдија:
Приходите од наплатен придонес за ПИО[1] во 2024 година се зголемени за 14% во однос на претходната 2023 година[2] и изнесуваат 71.435.601 илјади денари со учество од 61,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјади денари.
Структура на приходите во Фондот остварени во 2024 година
во 000 денари
Трендот на движење на учеството на трансферираните средства од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупните приходи во периодот од 2014 до 2024 година е прикажан на следниот графикон:
Учество на трансферирани средства од Буџетот на Република Северна Македонија во вкупните приходи
во 000 денари
Графиконот укажува дека процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 година континуирано се зголемува, за да од 2019 година бележи тренд на намалување. Во 2024 година учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 36,71% и бележи зголемување од 4,14 % во однос на 2023 година.
Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот со состојба декември 2024 година, бројот на осигурениците изнесува 556.294 лица додека бројот на пензионери изнесува 343.048 лица односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога изнесувал 1:1,70.
Ревизијата укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб. Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 година доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27.02.2026 година, утврден е долг од 2.592.918 илјади денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.
Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, иако има законска обврска за тоа. Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8.415.865 илјади денари односно 136.400.000 евра.
Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.
Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, подрачните единици, во Секторот за ИТ и во одделението за внатрешна ревизија, што значително влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Фондот.
Во делот на административното работење на Фондот утврдени се одредени надминувања на утврдените слабости од минатаите години но во периодот предмет на ревизија, 2024 година, ревизијата утврди дека:
-
- не е извршено евидентирање на движниот и недвижен имот во деловните книги на постојаните средства добиени по основ на стечајни постапки за кои Фондот има сопственост или пренесено право на користење;
- пописот на земјиштето е нецелосно спроведен и не е воспоставена целосна сметководствена евиденција на истото;
- пописот на дел од побарувањата е извршен без утврдување на правниот основ и застареност;
- Фондот не располага со целосни податоци за вкупно наплатените средства од акцизи од Буџетот и за основот за повлекување на средства од сметката од страна на надлежното министерство што влијае на потврдување на точноста и целосноста на наплатените приходи по овој основ;
- одредени слабости во начинот на издавање на деловниот простор под закуп;
- на сметката за уплата и распределба на придонеси, на крајот на секоја година остануваат парични средства кои не се користат за исплата на пензии;
- слабости во спроведувањето на дел од постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки;
- слабости во начинот на доделување и исполнетоста на условите за сместување во становите при домовите за живеење на корисниците на пензија со кои стопанисува Фондот.
Во делот на останати прашања известуваме за не усогласеноста на Законот за ПИО со Законот за административни службеници во начинот на пресметка на платите на вработените.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки по кои надлежните органи имаат обврска да постапат.
Прес контакт:
Албиона Мустафа Мухаџири +389 72228 203 [email protected]
Мартин Дувњак +389 75 268 517 [email protected]