Во периодот од 4 до 8 мај 2026 година, м-р Маја Ставреска, самостоен ревизор во ДЗР, учествуваше на престижната меѓународна програма за обука под наслов „Transcending Gender Norms in Leadership“ (Надминување на родовите норми во лидерството), која се одржа во Сингапур, во рамки на билатералната техничка соработка помеѓу Владата на Сингапур и Република Северна Македонија.
Оваа напредна студиска програма беше организирана од страна на Singapore Cooperation Programme (SCP) и Civil Service College Singapore. Учеството на нашата колешка е реализирано со целосна поддршка на Главниот државен ревизор, што ја потврдува стратешката посветеност на ДЗР кон континуирано професионално усовршување и следење на глобалните стандарди.
Стекнатите знаења имаат директна и практична вредност за тековните активности на институцијата, со оглед на тоа што м-р Ставреска е дел од ревизорскиот тим кој во моментов ја спроведува ревизијата на успешност на тема „Жени лидери во Република Северна Македонија“.
Искуствата и позитивните практики од Сингапур, особено во делот на користење на податоци за следење на напредокот и елиминирање на системските бариери, ќе дадат значаен придонес во финализирањето на ревизијата. Со ова, ДЗР продолжува да го зајакнува својот капацитет за независен и квалитетен надзор над спроведувањето на политиките за родова еднаквост и поддршка на женското лидерство во земјата.