Државниот завод за ревизија, во соработка со програмата СИГМА, е домаќин на дводневна меѓународна работилница на тема „Ревизија на животната средина и ревизија на целите за одржлив развој“, која се одржува на 8 и 9 април 2026 година во Скопје.
Настанот обединува претставници на врховните ревизорски институции од регионот и пошироко, како и експерти од СИГМА, УНДП и Европскиот суд на ревизори, со цел размена на искуства и унапредување на ревизорските пристапи во справувањето со предизвиците од климатските промени.
Во рамките на работилницата, учесниците дискутираат за современите пристапи во ревизијата на животната средина и улогата на ревизијата во оценувањето на јавните политики поврзани со климатските промени. Посебен акцент се става на влијанието на климатските ризици врз јавните финансии, како и на потребата од зголемена транспарентност и отчетност во спроведувањето на еколошките политики.
Воедно, преку презентации и панел-дискусии се овозможува размена на конкретни искуства и ревизорски практики од повеќе земји од регионот и Европа, во области како управување со поплави, енергетска ефикасност, биодиверзитет и адаптација на климатските промени. Работилницата е конципирана како интерактивна платформа која поттикнува отворена дискусија и унапредување на методолошките пристапи во ревизијата на животната средина.
Во оваа насока, се разгледуваат добри практики засновани на анализа на меѓународни ревизорски искуства, како и новите стандарди за известување за климатските промени во јавниот сектор, вклучително и стандардот IPSASB SRS 1, кој претставува значаен чекор кон подобрување на квалитетот и транспарентноста на финансиското и нефинансиското известување.
Главниот државен ревизор, м-р Максим Ацевски, во своето обраќање истакна дека климатските промени претставуваат сериозен системски ризик кој бара навремена и координирана институционална реакција.
„Климатските промени не се веќе прашање на иднината, туку реалност која директно влијае врз економската стабилност и благосостојбата на граѓаните. Улогата на врховните ревизорски институции е да обезбедат независна и објективна оценка за подготвеноста на институциите во справувањето со овие предизвици.
Преку ревизиите на успешност и усогласеност придонесуваме кон унапредување на јавните политики и зајакнување на отчетноста. Државниот завод за ревизија веќе презема конкретни чекори во оваа насока, вклучително и спроведувањето на климатскиот скенер како алатка за проценка на подготвеноста на институциите“, посочи Главниот државен ревизор.
Работилницата претставува значаен чекор во насока на јакнење на капацитетите на ревизорите и продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, со крајна цел унапредување на ревизијата на животната средина како важен сегмент во постигнувањето на целите за одржлив развој.
Во рамките на работилницата, Главниот државен ревизор оствари билатерална средба со Претседателот на Судот за ревизија на Република Турција, г. Метин Јенер и неговата делегација, при што беше потврдена заедничката определба за продлабочување на соработката преку размена на ревизорски практики, јакнење на професионалните капацитети и иницирање на идни заеднички активности.