На 11 февруари 2026 година, во Собранието се одржа јавна расправа на Комисијата за финансирање и буџет на тема „Зајакнување на парламентарниот надзор преку зголемена соработка меѓу Собранието и Државниот завод за ревизија“, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Во рамки на настанот беше потпишан Донаторски договор за донација на ИТ опрема помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државниот завод за ревизија, кој го потпишаа Н.Е. Амбасадорот г. Килиан Вал, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и г. Максим Ацевски, Главен државен ревизор на Државниот завод за ревизија.
Донацијата е реализирана во рамки на проектот „Транспарентните и отчетните институции поттикнуваат култура на интегритет и ја промовираат јавната доверба“ и е наменета за поддршка на модернизацијата и јакнење на оперативните капацитети на Државниот завод за ревизија.
Јавната расправа ја отвори г-ѓа Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет, а со воведни обраќања се обратија г. Африм Гаши, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Н.Е. Амбасадорот г. Килиан Вал и главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, при што беше нагласена важноста на ефективниот парламентарен надзор, улогата на Државниот завод за ревизија во обезбедување отчетност и значењето на институционалната и меѓународната соработка во унапредувањето на системот на јавни финансии. Обраќање имаше и г. Бојан Стојаноски, претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика кој ја потенцираше клучната улога на Државниот завод за ревизија како институција лидер во јавниот сектор.
„Како претседател на Собранието, особено ме радува фактот што Собранието на Република Северна Македонија и Државниот завод за ревизија имаат одлична и сè посилна професионална соработка. Со сигурност можам да кажам дека за Собранието, Државниот завод за ревизија не претставува само институција за финансиска контрола, ниту само надзорен орган, туку пред сè партнер кој ни обезбедува веродостојни информации за тоа како се управува со институциите и со ресурсите на граѓаните.“ -посочи претседателот Гаши.
Амбасадорот г. Килиан Вал истакна дека парламентарниот надзор е ефективен само кога е систематски, базиран на докази и ориентиран кон резултати. Континуираното ангажирање со наодите од ревизијата е од суштинско значење за да се обезбеди транспарентно управување со јавните ресурси и во најдобар интерес на граѓаните.
Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски во своето обраќање потенцираше дека соработката помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија претставува пример за функционална институционална поврзаност во служба на јавниот интерес. Преку доследно почитување на принципите на независност, професионалност и меѓусебна институционална поддршка, се создаваат услови за понатамошно зајакнување на јавната отчетност и довербата на граѓаните во институциите.
Притоа изрази уверување дека преку континуирана и конструктивна соработка, како и преку систематско следење на реализацијата на ревизорските препораки, ќе продолжи придонесот кон унапредување на финансиското управување и контрола во јавниот сектор, во согласност со најдобрите европски практики и стандарди.
Презентации кои опфатија теми поврзани со видовите ревизорски извештаи доставени до Собранието, осврт на ревизиите поврзани со финансирање на изборни кампањи и практичен пример од ревизорски извештај и клучни наоди и препораки имаа Генералниот секретар г. Александар Поповски, советникот на главниот државен ревизор г-ѓа Тања Јаневска и раководителот на ревизија г-ѓа Маја Јовановскa Цветковски.
Во продолжение на расправата беа дискутирани надзорната улога на Собранието и комисиите, разгледувањето и дискутирањето на ревизорските извештаи во парламентарните комисии, предизвиците во следењето на спроведувањето на ревизорските препораки, како и можностите за понатамошно унапредување и формализирање на соработката меѓу Собранието и Државниот завод за ревизија, во насока на јакнење на транспарентноста, отчетноста и јавната доверба во институциите.