dzr
ДРЖАВЕН ЗАВОД
ЗА РЕВИЗИЈА
ЧУВАР НА ЈАВНИТЕ СРЕДСТВА

ДЗР на меѓународна конференција за вештачка интелигенција во ревизијата во Абу Даби

06.02.2026

Во периодот од 02 до 04 февруари 2026 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски ја предводеше делегацијата на Државниот завод за ревизија, која учествуваше на меѓународната конференција на тема „Вештачката интелигенција во државната ревизија“, одржана во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.

Конференцијата беше организирана од Врховната ревизорска институција на ОАЕ, во соработка со ЕУРОСАИ и ВРИ на Израел, и беше посветена на дигиталната трансформација и примената на вештачката интелигенција во ревизијата.

Во рамките на настанот беа остварени значајни билатерални средби со повеќе претставници на врховни ревизорски институции, меѓу другото со г-дин. Matanyahu Englman, државен контролор на Израел и претседател на ЕУРОСАИ, како и со претседателот на Одговорното тело на Обединетите Арапски Емирати, со цел размена на искуства и отворање можности за нови меѓународни соработки.

Посебен акцент беше ставен на паралелната ревизија за вештачка интелигенција, во која учествува и Државниот завод за ревизија, заедно со повеќе европски и светски врховни ревизорски институции. Презентирани беа и прелиминарните резултати од спроведената ревизија.

На панел дискусијата учествуваше и м-р Сашо Јаковчевски, советник на Главниот државен ревизор, кој ја истакна важноста на транспарентноста и иновативната примена на ВИ алатки во презентирањето на ревизорските извештаи.

Заклучокот од конференцијата е дека државната ревизија се соочува со заеднички предизвици поврзани со вештачката интелигенција, како и со потребата од континуирано унапредување на знаењата и зајакнување на меѓународната соработка.