Делегација на Државниот завод за ревизија, предводена од Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски, оствари официјална билатерална посета на Генералниот суд за ревизија на Кралството Саудиска Арабија (General Court of Audit – GCA), која се одржа на 27 и 28 јануари 2026 година во Ријад.
Во рамки на официјалната посета, на 27 јануари 2026 година, Главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски и Претседателот на Генералниот суд за ревизија на Кралството Саудиска Арабија, Н.Е. д-р Хусем Алангари, потпишаа Меморандум за соработка, со што се воспоставува рамка за долгорочно партнерство и продлабочување на соработката во областа на ревизијата на јавниот сектор.
Меморандумот предвидува унапредување на соработката преку размена на експертиза и добри практики, организирање заеднички обуки и работилници, размена на методологии и прирачници за ревизија, како и други форми на соработка во рамки на INTOSAI и релевантните регионални организации на врховни ревизорски институции.
Во контекст на имплементацијата на Меморандумот, веќе се дефинирани конкретни активности, меѓу кои зајакнување на институционалните капацитети на ДЗР преку учество на меѓународни работилници и програми за обука, како и спроведување peer review од страна на Генералниот суд за ревизија на Кралството Саудиска Арабија во 2027 година.
Дополнително, Генералниот суд за ревизија на Кралството Саудиска Арабија ќе обезбеди поддршка за поактивно вклучување на Државниот завод за ревизија во меѓународните активности во рамки на INTOSAI и IDI, како и во ARABOSAI и ASOSAI, имајќи ја предвид водечката улога што оваа институција ја има во телата за управување на овие организации.
Со оваа билатерална соработка, Државниот завод за ревизија ја зацврстува својата определба за градење стратешки партнерства со водечки врховни ревизорски институции на глобално ниво, со цел размена на знаење и искуства, унапредување на професионалните капацитети и активно вклучување во меѓународните процеси во областа на државната ревизија.