Во периодот од 19 до 24 јануари 2026 година, Државниот завод за ревизија беше домаќин на билатерална посета на делегација од Врховната ревизорска институција на Република Индија (Office of the Comptroller and Auditor General of India).
Во рамки на посетата беа одржани работни средби, презентации и дискусии насочени кон размена на искуства и добри практики во областа на државната ревизија, како и кон идентификување на можни области за идна билатерална соработка меѓу двете врховни ревизорски институции.
Претставниците на Државниот завод за ревизија презентираа повеќе теми и области од своето работење, со посебен акцент на ревизии на успешност, ревизии поврзани со Целите за одржлив развој (SDGs), родова ревизија, ревизии поврзани со животната средина, ИТ ревизија, како и примена на иновативни алатки и пристапи во ревизорската практика. Презентациите беа проследени со отворени дискусии и размена на практики и искуства со делегацијата од ВРИ Индија.
Билатералната посета претставува значаен придонес за зајакнување на меѓународната соработка на Државниот завод за ревизија и унапредување на професионалните капацитети, во насока на унапредување на транспарентноста, отчетноста и ефективното управување со јавните финансии.
На крајот од билатералната посета беше заклучено дека двете врховни ревизорски институции имаат доста сличности во постапувањето и начинот на вршење на државната ревизија, како и бројни потенцијални области за меѓусебна соработка за зајакнување и унапредување на знаењата и вештините на државните ревизори.